Додека многу фестивали се потпираат на веќе познати светски имиња, Cafe De Anatolia Festival 2026 покажа дека и независен македонски бренд може да создаде меѓународна привлечност и да донесе светска публика во Македонија. Посетители од Индија, Германија, Швајцарија, Англија и други земји специјално допатуваа во Виница за да бидат дел од првото големо издание на Cafe De Anatolia Festival.

За голем дел од нив, ова беше прва посета на Виница и Македонија, со што настанот ја потврди моќта на музиката да создава нови туристички точки и да ја промовира земјата на глобално ниво. Виница, град кој досега не беше препознаван како голема фестивалска дестинација, за еден викенд стана место каде што се сретнаа посетители од различни делови на светот, обединети од Organic House музиката, уметноста и уникатната атмосфера на Cafe De Anatolia. Фестивалот не беше само музички настан – тој беше целосно мултимедијално и културно искуство.

Покрај вечерната музичка програма, посетителите уживаа во богата дневна содржина со винска дегустација од домашни винарии, фестивалски базар, гастрономски понуди и уметнички инсталации. Како дел од фестивалската програма беше организиран и првиот Car Expo во Македонија во рамки на музички фестивал, создавајќи уникатна комбинација меѓу автомобилската култура, дизајнот и електронската музика.

Атмосферата дополнително ја збогатија различни перформативни содржини – тарот читања, face painting, пантомима, интерактивни уметнички перформанси и креативни инсталации, кои создадоа препознатлив бохо и автентичен свет инспириран од визуелниот идентитет на Cafe De Anatolia.

Она што го прави овој фестивал посебен е фактот дека Cafe De Anatolia не го продаваше туѓиот бренд – туку сопствениот. Целата музичка програма беше составена исклучиво од артисти поврзани со Cafe De Anatolia и музика од сопствениот каталог. Публиката имаше можност да го доживее оригиналниот звук на брендот преку настапи на неговите артисти, без мешање на комерцијални програми од други издавачки куќи.

Во светот каде фестивалите најчесто се градат околу ангажирање надворешни големи имиња, концептот на фестивал базиран целосно на сопствена музика, сопствени артисти и сопствен каталог е исклучително редок пример, особено за Македонија и регионот.

Од македонски проект до глобален музички бренд Cafe De Anatolia е основан од семејството Илиеви – Зоран Илиев (Billy Esteban), Моника Илиева и Никола Илиев (Rialians On Earth). Во изминатите години брендот се етаблира како едно од најпрепознатливите имиња во Organic House жанрот, со настапи и присуство на светски дестинации како Дубаи, Санторини, Истанбул, Малта, Букурешт и други меѓународни сцени.

Организацијата денес соработува со повеќе од 5.000 артисти, располага со каталог од над 10.000 музички изданија, има повеќе од 30 милиони следбеници на дигиталните платформи и над две милијарди прегледи на своите содржини. Cafe De Anatolia има административен договор со Sony Music Publishing, беше промовиран на билбордите на Тајмс Сквер во Њујорк, а беше номиниран од Beatport за признанијата „Label of the Year“ и „Artist of the Year“, што дополнително го потврдува неговото влијание врз глобалната електронска музичка сцена.

Од локален проект создаден во Македонија, Cafe De Anatolia прерасна во светски препознатлив музички бренд кој денес не само што извезува музика, туку создава причина луѓето од целиот свет да ја посетат Македонија. Cafe De Anatolia Festival покажа дека кога еден бренд има автентична визија, сопствена музика и глобална заедница, тој може да ја претвори локалната сцена во меѓународна приказна – а Виница да стане нова точка на светската Organic House мапа.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
