Случајот со пресудата против Општина Кочани за изградбата и асфалтирањето на делница од локалниот пат Крушка – Полаки, добива необичен тек.
Откако ТВ Канал 8 ја истражуваше судската одлука според која Основниот суд во Кочани и Апелацискиот во Штип пресудиле во корист на тужителот, градежната фирма „Коп инженеринг“ од Скопје, јавноста и понатаму е заинтересирана зошто од општинскиот буџет треба да се платат 4 милиони денари, за градежни работи што требало да запрат откако надзорниот орган утврдил дека неквалитетно се изведуваат.
Необично во случајот е и тоа што Основниот суд ја нема во евиденција пресудата што самиот ја донел.
Граѓанин на Кочани ни достави писмен одговор што го добил од Судот во Кочани, откако со барање за пристап до информации од јавен карактер ја побарал на увид споменатата пресуда. Во судскиот допис стои дека „по извршениот увид во АКМИС системот во Основен суд – Кочани нема заведено предмет помеѓу наведените правни лица, ниту пак донесено пресуда“.
Исто барање за увид во пресудата граѓанинот доставил и до Општина Кочани, а оттаму пак одговориле дека се работи за акт на Основниот суд и за истиот треба да се обрати до судот.
Необична пинг-понг ситуација во која ниту тужениот, ниту оној кој одлучувал за тужбата не даваат конкретен одговор има или нема пресуда.
При пребарување на електронскиот АКМИС систем за донесените судски одлуки, а што е јавно достапен за граѓаните, навистина не може да се најде никава пресуда од Основниот суд во Кочани. Поради тоа необично е како по жалба од Општина Кочани, за пресудата одлучувал Апелацискиот суд во Штип и ја потврдил во корист на тужителот, а на штета на општинскиот буџет.
Во АКМИС системот на штипскиот суд може да се најде пресудата што тој ја донел, на која може да се види и евиденцискиот број на пресудата од Основниот суд во Кочани.
Канал 8 веќе информираше дека Општина Кочани ќе бара пресудата на судовите во Кочани и Штип да ја разгледа и Врховниот суд во Скопје. Но, останува впечатокот дека целата работа наликува на правен лавиринт во кој нејасно е зошто една легално донесена судска одлука не може да излезе пред очите на јавноста.
ИЗВОР: ТВ Канал 8