Советот на Општина Кочани ја одржа тринаесеттата редовна седница на која работеше по седум точки од дневниот ред, кој пред самиот почеток беше дополнет Иницијатива за донесување одлука со која престојот и исхраната на децата во ЈОУГД „Павлина Велјанова“ ќе бидат ослободени од партиципација и со Информација за распределените средства по јавниот повик од програмата ReLoaD2.
Членовите на Советот ги усвоија Информацијата за работењето на Општинската организација на Црвен крст – Кочани и Програмата за работа за 2022 година, а мнозинство гласови не добија годишните планови за вработување на училиштата „Никола Карев“ и „Љупчо Сантов“, Информацијата за состојбата на општинската патна мрежа на подрачјето на општина Кочани, како и предлогот за измена на распоредот на средствата од Буџетот на Општина Кочани за 2022 година.
Во врска со иницијативата за донесување одлука со која престојот и исхраната на децата во ЈОУГД „Павлина Велјанова“ ќе бидат ослободени од партиципација, поднесена од Жаклина Филипова Свеќаровска, секретарот на Општина Кочани Дејан Рашков истакна дека според пресметките од 2021 година, на финансиски план тоа би значело издвојување на средства од општинскиот буџет од 9.200.000 денари. По различните предлози и искажаната потреба од детална анализа, иницијативата не беше усвоена.
По барање за образложение на резултатите од јавниот повик на програмата ReLoaD2, членот на Комисијата Владо Филипов информираше дека на повикот учествувале 14 граѓански организации, апликациите биле разгледувани по методологија изгласана од Советот, според која, поради различни причини отпаднале седум проекти кај кои не биле почитувани основните услови за конкурирање.
Општина Кочани