ТРЕТА ФУДБАЛСКА ЛИГА – ИСТОК, КОЧАНСКА ЕРУПЦИЈА ВО ДЕРБИ НАТПРЕВАРОТ

октомври 16, 2022
1 минути

Се одиграа натпреварите од 6-тото коло во Трета Фудбалска Лига – Исток. На шесте средби беа постигнати вкупно 31 погодок или во просек 5,17 по натпревар.

Во дерби натпреварот на првопласираните две екипи што се одигра во Свети Николе, заслужена победа на гостите од Кочани 2:4 (2:2). Играчите на тренерот Ефтим Аксентиев ја прикажаа можеби најдобрата игра во ова првенство и сосема заслужено со три бода се враќаат во „градот на оризот“.

„Жетварите“ го отворија резултатот во 7’ кога Андреј Коцевски биеше од шеснаесетина метри а топката заврши во десниот горен агол на немоќниот Дарио Димовски. Сепак во 30’ „Овче Поле“ успеа да израмни на 1:1 а голот е дело на Дарко Нацев. Во 39’ гостите од Кочани повторно поведоа, по една центрирана топка погреши домашниот голман а искусниот стрелец Тоше Манов ја затресе мрежата. Но радоста на гостите траеше сосема кратко. Во 4)4 домаќините го израмнија резултатот по оправдано досудениот пенал а стрелец на погодокот беше капитенот Јорданчо Тренадафилов.

Во второто полувреме сигурна игра на „жолто-сините“ од Кочани кои со два гола во рок од 10 минути стигнаа до значајна победа. Најпрвин во 50’ Јован Дојчинов постигна погодок по центаршутот на Коцевски а во 60’ Тоше Манов со вториот негов погодок ја завери оваа мошне значајна победа за кочанчани.

Во комшиското дерби „Брегалница“ како домаќин во делчево го совлада „Малеш“ исто како и „Рудар својот противник „Карбинци“. „Академија Чешиново-Облешево“ ја наполни мрежата на „Вардарски“ додека во Дојран домаќините рутинирано дојдоа до победа против „Победа“ од Валандово. Натпреварот во Градско Балдовци заврши без победник.

Комплетни резултати од 6-тото коло:

„Овче Поле“ – „Осогово“  2:4

„Брегалница“ (Д) – „Малеш“  4:2

„Дојранско езеро“ – „Победа“ (В)  2:0

„Спартмани“ – „Тиверија“  1:1

„Академија Чешиново-Облешево“ – „Вардарски“  6:2

„Рудар – Карбинци  5:2

Во следното коло „Осогово“ ја пречекува екипата на „Рудар“.

С. Ивановски