За да се успее во реализацијата на идејата Пониква да стане туристичка атракција треба да се вклучат сите релевантни структури во општината, нешто што на сите им е познато. За жал иако со години се прават обиди и поединци инвестираат во „Пониква“ за да истата стане туристичка атракција, како што моментно стојат работите тоа ќе биде тешко остварлив сон.
Вечерва како и подолг период наназад „Пониква“ тоне во мрак. Ниту една уличка светилка не свети а на секој корисник на објект на „Пониква“ месечно со сметката на ЕВН му доспева наплата по 184,00 денари за улично осветлување.
Ако се мисли дека месечината е таа што ќе треба да ги осветлува патеките и тоа е тешко бидејќи во овој временски период маглата е толку ниско падната што видливоста кон месечината е сведена на нула. Шегата на страна.
Причината за горенаведеното е што вечерва ни се јавија повеќе наши читатели кои како што истакнуваат вистина е дека на „Пониква“ има туристи дојдени од речиси повеќе краеви на Македонија, но истите со горчина во гласот зборуваат за каков туризам е планиран овој дел од Македонија кога по спуштањето на мракот нема каде да се излезе на воздух а згора на се голем проблем се и кучињата бездомници.
Проблем кој некој треба итно да го решава, бидејќи идат празници кога се очекува наезда на туристи и доколку има снег љубители на зимските спортови.
С. Ивановски