СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ ЈА ОДРЖА 23. СЕДНИЦА – ДОНЕСЕН БУЏЕТОТ ЗА 2023 ГОДИНА

декември 27, 2022
1 минути

Советот на Општина Кочани ја одржа последната седница за оваа календарска година.

Со 12 гласа „за“ и еден „воздржан“, на 23. седница беше донесен Буџетот на Општина Кочани. Наредната година вкупниот буџет е проектиран на 707.265.000 денари, а основниот буџет е 271.121.000 денари. Капиталните расходи по програми се планирани со 43,63 %, а тековно-оперативните расходи со 56,37 %.

Мнозинството во Советот усвои 28 програми, ги прифати предложените критериуми за распределба на блок-дотации на општинските основни и средни училишта за 2023 година и нивните финансиски планови, а беше донесен и Деталниот урбанистички план за село Оризари.

Поздравувајќи го создадениот предновогодишен амбиент во Градскиот парк во Кочани, по предлог на Венко Крстевски, Советот ја усвои одлуката за продолжено работно време за два часа на угостителските објекти и поддршка на културни-забавни содржини за организиран дочек на Новата година во Кочани.

Во расправата во врска со Програмата за сообраќај за 2023 година, советниците побараа да се изврши ревизија на ценовникот за паркинг, да се воведе зонско паркирање, паркинг-места со плаќање за хуманитарни цели, да се уредат нови паркинзи на неколку локации во градот и да се намали месечниот износ за паркирање за резидентите во Трговскиот центар.

На крајот на седницата, градоначалникот Љупчо Папазов имаше годишно обраќање пред Советот на Општина Кочани