БЛАГОЈ ЗАШОВ И ПОДАРИ УМЕТНИЧКА СЛИКА НА ОПШТИНА КОЧАНИ А КОМПЛЕТ КНИГИ НА БИБЛИОТЕКАТА

октомври 5, 2022
0 минути

Во просториите на ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани, денес точно на пладне нашиот сограѓанин Благој Зашов кој долги години живее во Скопје на градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов му врачи уметничка слика, дело на светски познатиот сликар Мајкл Клоз која треба да биде поставена на видливо место за да можат да ја гледаат што поголем број на луѓе.

Инаку ова е четврта уметничка слика од истиот автор која Благој Зашов ја подарува на институциите во Кочани. Првата како што нагласи ја има подарено на ОУ „Раде Кратовче“ каде го завршил основното образование, втората ја има подарено на СОУ „Љупчо Сантов“ каде го има завршено средното образование, а третата на Библиотека „Искра“ од каде има подигнато и прочитано голем број на книги.

На директорот на ЈОУ Библиотека Искра Кристина Горгиевска Атанасова која воедно беше домаќин на чинот на предавањето на уметничката слика и подари комплет на книги кои ќе го надополнат книжниот фонд во институцијата.

Пред присутните Благој Зашов изрази желба неговата домашна библиотека која брои неколку илјади книги напишани на различни јазици еден ден да и ја подари на ЈОУ Библиотека „Искра“.

С. Ивановски