КОЧАНИ ВО НАЈТРАНСПАРЕНТНИТЕ ОПШТИНИ СПОРЕД ИНДЕКСОТ НА ФИСКАЛНА ТРАНСПАРЕНТНОСТ

октомври 5, 2022
1 минути

Во извештајот од истражувањето на фискалната транспарентност на општините, реализиранo со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, Општина Кочани е во групата најтранспарентни општини и го следи општиот тренд на постојано подобрување.  

Според индексот на буџетска транспарентност на ниво на единици на локалната самоуправа изработен од Центарот за економски анализи, Општина Кочани е на високото шесто место во групата 13 најтранспарентни општини во државата. Буџетската транспарентност за 2021/2022 во однос на претходната 2020/2021 фискална година бележи раст од два индексни поени, односно 15 од максимални 16 поени.

Даночната транспарентност на Општина Кочани е со многу висок степен на интензитет, односно измерена е транспарентност од 60 % на локалните даноци, со 20 % подобрување од минатата година.

Во Извештајот на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, Општина Кочани е издвоена како еден од добрите примери кои започнаа да ги споделуваат во живо седниците на Советот преку каналот Јутјуб.

Мерењето на буџетската транспарентност на општините е извршено врз основа на степенот и начинот на достапност на документите кои се поврзани со буџетскиот процес кај секоја општина и степенот на учество на засегнатите страни во сите фази од буџетскиот процес, а нивото на даночната транспарентност е утврдено врз основа на достапноста на документи, информации и податоци поврзани со даночниот систем на локално ниво, како и со учеството на граѓаните во носењето одлуки.

Општина  Кочани