БОРБАТА ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО ОД СТРАНА НА „ПАЈПЕР МИЛ“ ПРОДОЛЖУВА, НО САМО ПРЕКУ FACEBOOK

февруари 11, 2022
1 минути

Обидот да се организира состанок на кој ќе се избереше група на граѓани која ќе го посетеше раководниот тим на „Пајпер мил“ и преку преговори ќе се изнајдеше заеднички јазик за доброто на сите, пропадна.

Како што сме информирани на состанокот кој требаше да биде кај „Атомските згради“ се собраа „загрижени“ граѓани ни повеќе, ни помалку туку се на сé 12 (дванаесет).

Целта на разговорите воопшто немаше да оди со барања за затворањето на фабриката и останување на семејства без егзистенција, туку целта беше да се најде заеднички јазик како би престанало чадење со кое се загадува воздухот а кој едноставно го труе населението.

Ако ништо друго зачудува индолентниот однос на жителите кои живеат на неполни сто метри од фабриката. Тие како никогаш да не се заинтересирани за преговори или протест на отворен простор, туку чекаат другите што се дојдени од најоддалечените улици во градот да им ја заврши работата а тие и понатака да останат забележани како граѓани на кои се им е „полно и рамно“.

За жал обидот да се направи исчекор понапред за зачувување на чиста животна средина и овој пат не го даде посакуваниот резултат, но борбата на „загрижените“ за чист воздух и здрава животна средина продолжува и понатака, но само преку facebook. Срамота.

С. Ивановски