ЧЕТИРИ ОД ЧЕТИРИ ЗА КАРАТИСТИТЕ НА „ПАРТИЗАН“ НА ТУРНИРОТ ВО СКОПЈЕ

Во Спорт
ноември 12, 2022
1 минути

Во организација на Карате Клуб „Цветан Димов“ од Скопје денес се одржа Меѓународен карате турнир „13. Ноември“.

На турнирот зедоа учество околу 500 натпреварувачи од 18 држави меѓу кои Хрватска, Украина, Унгарија, Романија, Кипар, Белгија Норвешка,  Германија, Англија, Велс, Шкотска, Македонија и други.

Карате Клуб „Партизан“ учествуваше со четворица натпреварувачи кои освоија четири медали: еден златен, еден сребрен и два бронзени.

Благојчо Арсов го освои златниот медал во тешка категорија +75 килограми, ветерани над 40 години возраст. Во категорија со 14 натпреварувачи Арсов имаше импресивен настап и заслужено стигна до златото.

Мартина Шахинова го освои сребрениот медал во борби У-21 во категоријата до 68 килограми, додека бронзите се најдоа на градите на Ангел Стојанов – борби У-21 категорија до 75 килограми, односно Филип Стојанов – борби Кадети категорија до 63 килограми.

„Се покажавме во добро светло во една мошне силна конкуренција. Самиот податок дека на турнирот учествуваа повеќе од петстотини натпреварувачи кажува се. Им честитам на нашите натпреварувачи за освоените медали и ветувам дека овде не застануваме, одиме уште посилно кон нови предизвици и нови медали“ беше изјавата на тренерот на КК „Партизан“ Оливер Коцев

Експедицијата мала, но одбрана.

С. Ивановски