Пет дена поминаа од натпреварот „Осогово“ – „Аресими“ кој во Кочани се одигра во рамките на 8-тото коло од Втора Фудбалска Лига, пет дена поминаа а уште нема соопштение или реакција од ОФС – Кочани за она што се случуваше на тој натпревар а тоа беше 66 минута кога на интервенција на четвртиот судија Ангел Гелов од Кавадарци, главниот судија на натпреварот Влатко Илиоски од Прилеп на домашниот играч Михаил Николов му покажа втор жолт картон што автоматски значеше негово исклучување иако според снимките Николов со лизгачки старт ја исфрли топката во аут.
Дека не се работеше за старт за картон сведочат и снимките од натпреварот на кои јасно се гледа дека никој од гостинските играчи на теренот а и од клупата пред која и беше стартот немаа никаква реакција.
Три минути подоцна гостите го постигнаа победоносниот гол и овде не е ништо спорно.
„Арсими“ победи и со три бода си замина од Кочани, според играта – заслужено иако не може да се предвиде како ќе течеше натпреварот доколку силите играчки останеа бројчано еднакви на теренот.
„Осогово“ со официјално писмено соопштение реагираше, но од ОФС – Кочани ниту трага, ниту глас.
Дали им е познато на тие луѓе што секогаш изнајдат начин да застанат на чело на ОФС – Кочани дека тие постојат поради клубовите )во случајот Осогово) а не клубовите поради нив и тие се кои треба да ги штитат интересите на клубовите.
Во овој случај изостана реакцијата на оние кои требаше досега да реагираат, или пак не сакаат да дојдат во конфликт со ФФМ за да не ги изгубат позициите на кои на мала врата ги добија.
„Осогово“ постоело и ќе постои без разлика дали играло во Првата, Втората или Третата лига. „Осогово“ е бренд во Македонскиот фудбал со еден век постоење и не заслужува вакво изживување од страна на тие на кои им е доделено да ја делат правдата а уште повеќе од страна на оние кои постојат токму поради „Осогово“ и останатите клубови.
Што е многу, многу е кога е во прашање анемичниот пристап на ОФС – Кочани за она што се случи во саботата на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ