Запирање со работа на котелот на пелети и замена на горивото со метан, постојано мерење на издувните гасови од оџакот и нивно објавување на веб страницата на фабриката, како и инсталирање на станица за пречистување на отпадните води и редовно чистење на лагумите во фабриката „Пејпар мил“ во Кочани е она што го нагласија како барање претставниците од Иницијативата за чист воздух во Кочани на денешната средба со заменик министерот за животна средина Христина Оџаклиеска и в.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
Средбата се одржа во салата за венчавање, некогашна сала за одржување на седниците на Советот на Општина Кочани.
На средбата в.д. директорот на државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски истакна дека во месеците Декември 2021 и Јануари 2022 инспекторатот извршил мерења, и дека фабриката работела согласно добиената дозвола. За време на тие мерења било утврдено испуштање на количество на прав од 36 до 120 микрограми на метар кубен а додека според А интегралната дозвола дозволено е до 150 микрограми на метар кубен.
Незадоволни од укажаното од страна на Стојковски претставниците од Иницијативата за чист воздух во Кочани ќе поднесат иницијатива за проверка и веродостојноста на А интегралната дозвола бидејќи според нивни сознанија законски дозволената граница на емисија на гасови е 50 микрограми на метар кубен.
Со поднесувањето на оваа иницијатива ќе се утврди дали некој на дозволената бројка од 50 микрограми на метар кубен додал напред една 1 (единица).
С. Ивановски