ОНА ШТО ГО ВЕТИЈА ВО ЦЕЛОСТ ГО РЕАЛИЗИРАА, ИГРАЧИТЕ НА „ОСОГОВО“ ГИ ВРАТИЈА ТРИТЕ БОДА

Во Спорт
февруари 26, 2022
1 минути

Она што го ветија играчите на „Осогово“ во целост го реализираа. Со подобра игра за време на целиот натпревар тие денес на Градскиот стадион во Штип сосема заслужено ја совладаа екипата на „Пехчево“ со резултат 1:0 (0:0). Во првото полувреме кочанчани беа подобар противник во сите елементи на фудбалската игра и во целост го надиграа домаќинот. Иако атакуваа  кон голот на домаќините, иако создадоа неколку шанси за гол сепак на одмор се замина со мирни мрежи.

Во второто полувреме „жетварите“ повторно во целост ја презедоа играта, напаѓаа создаваа шанси но никако не успеваа да го совладаат домашниот голман.

Се играше 65’ кога „Осогово“ изведе корнер од левата страна, во мешаницата топката заврши во пречката на домаќините но повторно се одби до играчите на „Осогово“ а по ударот кон голот домашниот играч Бошевски играше со рака и судијата покажа на белата точка. Сигурен реализатор на пеналот беше капитенот на „Осогово“ Манов кој го измами домашниот голман и топката  заврши во мрежата..До крајот домаќините се обидуваа нешто да сторат но одбраната на „жолто-сините“ секогаш беше на место а и контра нападите на „жетварите“ внесуваа паника во домашните редови.

Се на се сигурна игра на „Осогово“ и со освоените три бода се вратија во реалноста за освојување на едно од шесте места во лигата.

Дерби натпреварот во Радовиш заврши со најнепопуларниот резултат, но бодот за домаќините е голем како планина. Во Гевгелија Виничани испуштија победа. Иако имаа водство сепак дозволија да примат гол и да останат егал на табелата со Прилепчани. Во Македонска Каменица „Братство“ ги изненади „рударите“ и им нанесе пораз, додека во Струмица „Беласица“ со сигурна и ефикасна игра ја декласира „Локомотива“.

Резултати од 17-тото коло:

„Пехчево“ – „Осогово“  0:1

„Кожуф“ – „Слога 1934“  1:1

„Каменица Саса“ – „Братство“  0:1

„Беласица“ – „Локомотива“  6:0

„Детонит јуниор“ – „Победа“  0:0

На табелата во водство се „Победа“ и „Слога 1934“ со по 36 бода, пред „Беласица“ и „Каменица Саса“ со 34, „Осогово“ 22, „Кожуф“ и „Детонит јуниор“ по 20, „Пехчево“ 19, „Братство“ 10 и „Локомотива“ 6 освоени бода.

Во следното 18-то коло „Осогово“ го пречекува „Кожуф“.

С. Ивановски