ОДГОВОР НА ПИСМОТО ИСПРАТЕНО ОД СОУ „ГОШО ВИКЕНТИЕВ“ КОЕ КОНЕЧНО ПРИСТИГНА НА НАША АДРЕСА

март 24, 2022
1 минути

По нешто повеќе од 24 часа и кај нас стигна писмото испратено од СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани а потпишано од директорот Спирко Златков од Кочани. Адресирано е до Славчо Ивановски од Кочани, уредник на интернет портал „Комарец“ а истото содржи Барање за отстранување на вест и јавно извинување.

Во Барањето се вели:

„На ден 22.03.2022 година како уредник на портал „Комарец“, имате  објавено фотографии  од малолетници – ученици од СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани, директорот на училиштето и маици со логото на Пејпар МИЛ“, во продолжение е споделен комплетниот текст за да по неговото завршување директорот пишува: „Погоре наведениот текст содржи навреди и клевети а во исто време поттикнува говор на омраза наспрема училиштето, директорот и учениците бидејќи поради изнесените невистини поттикнати се бројни навредливи коментари на постот на социјалните мрежи „facebook“, каде што веста била споделена, поради што од страна на поголем број родители е реагирано до училиштето со барање да се преземат соодветни мерки против вас во смисла на одредбите на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета а постојат елементи и кривичното дело од член 394-г ст. а од КЗ од КЗ“

Во барањето се бара веднаш погоре наведената објава со фотографии да биде отстранета како и во рок од 48 часа да се даде јавно извинување за споделената објава во спротивно ќе биле известени…..

Епа вака почитуван директоре Спирко Златков.

Кога вие веднаш по Локалните избори бевте назначен за директор на образовната институција СОУ „Гошо Викентиев“ требаше да знаете дека веќе сте јавна личност и дека вашето однесувања ќе биде следено со посебно внимание и поинаку од како кога бевте само професор по физичко воспитување и хонорарен тренер во ГФК „Осогово“ (но за тоа во некоја друга пригода).

Господине Спирко Златков само без нервоза, за спомнатата фотографија што ви „боде во очи“ и за која пишувате дека е со малолетници – ученици, вие треба да одговарате а не јас бидејќи вие сте тие кои со маици од компанијата загадувач на Кочани имате позирано со учениците за кои ние немаме ама баш никаде спомнато дека се од вашето училиште. Впрочем фотографијата ние ја имаме добиено од надлежните во Општина Кочани кои ве имаат фотографирано а и вие ја имавте истата поставено на вашиот личен профил па се попишманивте и ја избришавте, но директоре, некој се погрижил и ја има  сочувано. Патем ако не ви кажале, истата фотографија е поставена и на страната на вашето училиште како и на веб страната на Општина Кочани, така да не гледаме дека токму истата фотографија објавена на нашиот портал ве вознемирува, затоа не се нервирајте без потреба.

Господине директоре Спирко Златков за каков говор на омраза пишувате дека ние имаме кон училиштето, директорот и учениците? Дали за вас е омраза што ви се поделени маици на вас и на децата па вие со нив позирате? Околу коментарите на социјалната мрежа „facebook“, не е мое да ги присилувам граѓаните и читателите како за што да коментираат, туку вие како директор треба да се запрашате зошто им се такви коментари. Директоре ако не ви кажале треба да знаете дека вие земате плата токму од даноците на тие граѓани и можете со нив слободно да комуницирате а не да ви смета нивното слободно мислење, не е фер нели!.

Пишувате дека родители реагирале, па да, супер, и имаат право да реагираат, но не кон нас, туку кон вас бидејќи вие сте ги до вас построиле нивните деца за да се фотографирате и да ја имате фотографијата за спомен од времето на вашето директорување со училиштето.

Директоре, сигурно знаете дека години наназад некои родители реагираа за недолично однесување во вашата институција, и кога имаше некои физички пресметки и кога лице беше фатено со камерите како незаконски присвојува роба без да ја плати па се испостави дека работи во истата институција со вас, се сеќавате нели директоре Спирко Златков, или тоа не е важно.

Директоре Златков, сакам да ве потсетам иако не беше одамна дека токму на истиот „facebook“ родители чии дечиња учат во вашето училиште реагираа со многу понепристојни коментари кога во јавност беа пуштени клипови со непристојна содржина снимени токму во вашето училиште, па вие ништо не презедовте до ден денешен. Но директоре Златков, тоа дали и како сте постапиле по тој предмет си е ваша работа а не наша а и не нé воопшто засега.

И за крај  почитуван директоре Спирко Златков отворено и јавно ве информирам дека ниту сликата за која инсистирате ќе ја повлечеме ниту текстот ќе го смениме, а институциите кои ги спомнувате и со кои всушност ни вршите мобинг постојат за да ја утврдат вистината, по што сигурни сме дека ќе има продолжение до конечната разрешница.

Со почит,

Славчо Ивановски

Уредник на портал Комарец