Драган Апостолов е назначен за нов Командир на Територијалната Противпожарна Единица – Кочани. Тој доаѓа на местото на Благојчо Паунов кој изминатите четири години со успех ја извршуваше функцијата.
Инаку Драган Апостолов е вработен во ТППЕ – Кочани од 2012 година и досега ја извршуваше функцијата пожарникар – возач на специјално возило.
„Признанието што ми е доверено е обврска повеќе за мене. Во изминатите единаесет години јас и мои колеги доста успешно се справувавме со сите предизвици што ги бара нашата професија. Ќе продолжам и понатака со истото темпо и со истиот однос како и досега. Довербата која еве ми беше укажана ќе се трудам до максимални граници да ја оправдам. Продолжувам заедно со моите колеги онаму каде што застанавме. Продолжуваме да работиме во интерес на сите наши сограѓани и пошироко. Ја користам оваа прилика да упатам еден апел до земјоделците, да престанат да ги палат стрништата“, беше изјавата што во телефонското јавување ја добивме од Апостолов.
Инаку Драган Апостолов освен како професионален пожарникар, кочанската јавност го знае и како доста хумана личност. На Олимпискиот базен во Кочани со својата храброст и пожртвуваност спаси младо дете давеник за што во 2019 година за време на манифестацијата „Кочански денови на оризот“ на Свечената седница доби посебно признание и благодарност од тогашниот Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.
С. Ивановски