Фудбалската екипа на „Фудбал Старс“ од Кочани, генерација 2010 се новите шампиони во Југоисточната регионална лига. Иако до крајот на првенството треба да се одигра уште едно коло, „Фудбал Старс“ има 8 бодови предност и натпревар повеќе од пред моментно второпласираната екипа на „Рудар 1947“ од Пробиштип.
Со 17 победи и само 3 порази и импресивна гол-разлика 69:19 играчите на „Фудбал Старс“ не само што ја освоија шампионската титула, туку го имаат и најдобриот стрелец во нивните редови, Филип Митев со 33 постигнати погодоци.
„Горги сме на овој успех бидејќи тој е плод на повеќегодишна работа. Овој успех не е само на нашиот клуб, тоа е успех и на градот Кочани бидејќи ова е првата генерација што стигнала до шампионската титула во младинските лиги во кој и да е ранг на натпреварување. Долгогодишната работа која ја спроведуваме на тренинзите јас, Дени Манчовски, Игор Данилов и Јоце Паунов ги дава резултатите“ изјави Симеончо Митев еден од основачите на овој клуб.
Инаку клубот тренинзите ги реализира на фудбалскиот терен во село Горни Подлог на кој токму луѓето што го формираа клубот со голем ентузијазам и голема посветеност направија тренинг центар на кој од почетокот работат екипите на „Фудбал Старс“.
„Мораме да ја истакнавме и нашата благодарност како клуб до сите оние кои со години ни помагаат кога е во прашање финансискиот дел. Ја користам оваа прилика јавно да се заблагодариме на спонзорите, Компанијата „Еуро контрол“, Атанас Кушевски, „Уника осигурување“, „Тинг“, „Руен Инокс“ и, „Артекс“. Воедно сакаме да оддадеме голема благодарност и кон сите родители на играчите за нивната неизмерна поддршка која ни ја пружат секојдневно“ заврши Симеончо Митев.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ