ФУДБАЛСКИОТ НАТПРЕВАР „СКОПЈЕ“ – „ОСОГОВО, КАКО ПОВОД

ноември 28, 2023
1 min read

Вчера во Скопје на еден од најлошите фудбалски терени во Македонија, теренот во „Автокоманда“ се одигра одложениот натпревар од 13-тото коло од Втората Фудбалска Лига. „Скопје“ – „Осогово“ кој домаќините го добија со 1:0 со гол постигнат во 80’. Но поразот љубителите на фудбалот во Кочани не ги толку боли како што истакнуваат однесувањето на дел од играчите и управата на домаќинот предводена од тренерот Љупчо Марковски – Калц.

„Осогово“ губело и ќе губи натпревари бидејќи и тоа е составен дел на фудбалската игра, и секој пораз ќе биде прифатен достоинствено доколку истиот е од подобар противник кој ги надиграл „жетварите“, но во вчерашниот случај не било тоа така.

Кочанчани им замеруваат на дел од домашните играчи за премногу острата, а на моменти и грубата игра кон играчите на „Осогово“ а особено таквиот див фудбал предњачел кон Лука Георгиев. Откако домаќините виделе дека Георгиев не им се плаши и дека беспоштедно влегува во секој дуел го чекале полувремето па на пат кон соблекувалната пред очите на неговиот родител и родителите на другите играчи на „Осогово“ го малтретирале. Посебно за критика било однесувањето на тренерот Љупчо Марковски – Калц кој на пат кон соблекувалната како што изјавуваат очевидци најпрвин му се заканувал на Лука за да во ходникот некои непоканети лица го фаќале и за гуша и тоа пред очите на гостинските службени лица и негови соиграчи, но дали и пред делегатот.

И во вториот дел домаќинот продолжил со истата тактика. Играчи од кои некои се почетници а некои на залез на кариерата свесни дека со витешка игра нема да можат да дојдат до бодовите продолжиле со грубите стартови а и со вербални расправии со судијата на кој иако му се внесувале често во лице и барале помош од него тој не ги почитувал правилата и ниту еден играч од домаќините за грубата игра и за приговорите не испратил предвреме на туширање.
„Осогово“ рековме дека губело и ќе губи. Годинава на домашен терен загубија од „Беса“ (0:4), „Башкими“ (2:3) и „Охрид“ (0:3), му честитаа на противникот без да направат некоја непристојна сцена за време и после натпреварот а поразите спортски ги прифатија. Кога вчера во Скопје само еден мал процент имало на спортско однесување денес немаше да има револт во Кочани.

Се поставува и прашањето дали делегатот на  натпреварот Алберт Јакупи од Гостивар како што налагаат пропозициите бил на местото на настанот за време на полувремето и дали се обидел да го спречи насилничкото однесување тој треба да одговори. Доколку е бил а требало да биде, дали сето тоа што го видел, а требало да виде, ќе го внесе во дополнителниот извештај, тој си знае.

Сега, и дваесет часови по натпреварот социјалните мрежи уште горат од коментари за непријатните сцени на анти фудбалскиот терен во Автокоманда.

Кочанските љубители на фудбалот, пред се навивачите на „Осогово“ за натпреварот со истиот противник во пролетниот дел од првенството ќе бараат да биде делегирана истата судиска тројка, и другите службени лица.

На потег се „фудбалските работници“ од ФФМ. Дали ќе сакаат да го испитаат целиот случај и да постапат според пропозициите нивно е, но наше е да ги потсетиме дека со молчење и ваквите сцени на фудбалските терени во Македонија го вратија фудбалот 50 години наназад и го претворија во Див Запад.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ