Додека траеше изборната кампања за Локалните избори 2017 (Од 25.09 до 13.10. 2017 година) со Договор за јавна набавка склучен на 05.10. 2017 година, Општина Кочани набави станица за полнење на електромобили и електричен скутер. За таа цел а во интерес на транспарентноста тогаш Општина Кочани излезе со информација која гласеше:
ОПШТИНА КОЧАНИ НАБАВИ СТАНИЦА ЗА ПОЛНЕЊЕ НА ЕЛЕКТРОМОБИЛИ И ЕЛЕКТРИЧЕН СКУТЕР
Со Договор за јавна набавка, склучен на 5 октомври 2017 година, Општина Кочани набави станица за полнење на електромобили и електричен скутер.
Барањето за оваа набавка е поднесено на 15 мај 2017 г., а јавната набавка е составена од два дела.
Договорот за станицата е склучен со „Фибернет м-к“, а за скутерот со „КМГ ЕОЛ Квазар“, со учество на тројца понудувачи за станицата односно двајца за скутерот, според најниска цена постигната со електронска аукција.
Станицата за полнење на електромобили чини 301.490 денари, а електроскутерот 246.738 денари, или вкупно 548.228 денари. Средствата за реализација се од Буџетот на Општината.
Набавката на станицата и на електромобилот е „заради подобрување на квалитетот на граѓаните на локално ниво, со намалување на штетните гасови, намалување на урбаната бучава, заштитеноста на почвата и водата, помали трошоци за одржување и пониска цена на погонското гориво, како и актуелниот развој на автомобилската индустрија.“
Од технички аспект, станицата за полнење електромобили е уред со веб-апликација, со RFID-картички со коишто располага Општината со кои се овозможува пристап за полнење. Станицата има два излеза што значи едновремено може да се полнат два електромобила.
Електричниот скутер, пак, се полни преку адаптери на обичен штекер и со едно полнење кое трае од 7 до 8 часа може да помине околу 80 км.
Општина Кочани е една од ретките во државава која набави станица за полнење на електромобили и електричен скутер.
Општина Кочани
Станицата за полнење електромобили одамна ја нема онаму каде што беше поставена (во непосредна близина на зградата на Локалната самоуправа – Кочани) а самиот електричен скутер исто така долго време не е виден дека ракува некој од општината со него.
Бидејќи оваа набавка е од Буџетот на Општина Кочани кој го полнат граѓаните на општината потребно е да бидат истите тие граѓани информирани каде се и Станицата за полнење електромобили и електричниот скутер, ако ништо друго сигурно се истите заведени во некоја од пописните листи.
Надлежните во општината мора да дадат одговор, а не како со прашањето за тоа каде се гумените шаховски фигури и шаховската табла и после петнаесет дена да нема одговор.
Транспарентност од Локалната самоуправа – Кочани, МОРА да има.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
