ИГРАЧИТЕ НА „ОСОГОВО“ СО СРЦЕ ГОЛЕМО КАКО ПЛАНИНА ГИ ОДНЕСОА БОДОВИТЕ ОД ШТИП

Во Спорт
ноември 25, 2025
1 минути

Со срце големо како планина играчите на „Осогово“ со три големи бода се враќаат од Штип. Денес сите изгинаа на теренот и им ги затворија устите на оние сезнајковци што една седмица ширеа лаги дека „жолто-сините“ само ќе истрчаат на теренот и без залагање ќе им дозволат на домаќините да стигнат до победа. За жал не испадна ништо од овие претпоставки. „Жетварите“ денес покажаа како се игра за боите на клубот.

Сите заслужуваат највисока оцена но едно „копје“ погоре е  сепак голманот Ѓорѓи Јованоски кој најпрвин во 15’ а потоа и во 90’+3’ подарок пеналите за домаќините од судијата Доне Ристовски од Гевгелија  ги одбрани.

Во 15’ домашниот играч Јован Постолов влезе во казнетиот простор на гостите и налета на Христијан Митревски кој стоеше како „кип“ во својот казнет простор. Играчот на „Брегалница“ падна а судијата Доне Ристовски  како тоа одвај да го дочека, покажа на белата точка. Пеналот го изведе Дарко Алексовски кој ниско по земја биеше во десниот долен агол, но гостинскиот голман со пантерска парада го одбрани ударот.

Единствениот гол на натпреварот падна во 32’. Играчите на „Осогово“ беа во напад, убаво меѓу два домашни играчи беше проигран Голубов кој откако излезе на чист простор од околу тринаесеттина метри биеше во мрежата на немоќниот Никола Филевски. Со водство на гостите се замина на одмор.

Во вториот дел домаќините далеку подобро одиграа отколку во првиот дел, почнаа како оси да напаѓаат, центрираа, шутираа но никако не можеа да го погодат голот на денес одличниот Јованоски. Надеж дека сепак можат да дојдат до бод им даде повторно судијата Доне Ристовски кога во гостинскиот шеснаесетник само тој виде контакт и одново покажа на белата точка. Овој пат Хусеин Демири ја презеде одговорноста. Биеше полу високо во дената страна но Јованоски повторно изведе спектакуларна одбрана и ја исфрли топката во корнер.

По некоја минута дојде и крајот на натпреварот.

Кочанчани и денес ја сочуваа традицијата на добри игри и добри резултати под „Исарот“. Играчите на „Брегалница“ се трудеа но денес имаа противник кој отиде во Штип со желба да не загуби.

Резултати од 14-тото коло:

Брегалница – Осогово  0:1

Тетекс – Кожуф  (одложена)

Вардар (Н) – Победа  0:0

Новаци – Шкендија (А)  1:0

Каменица Саса – Беласица  0:2

Преспа – Слога 1934  1:2

Охрид – Детонит Плачковица  1:0

Скопје – Големо Коњари  4:0

Есенскиот дел завршува во сабота кога „Осогово“ ја пречекува солидната екипа на „Новаци“.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ