КОЈ САКА ДА РАБОТИ, ТОЈ ЌЕ ИМА
- Во компанијата Делтекс работите повеќе од две години. Што значи ова за Вас како млад човек кој одлучил да живее и егзистира во Кочани?
„Тука ми е супер. Одлично сум прифатен од сите. Работата за мене значи осамостојување и подобар живот, не сум зависен од никого и сам можам да се грижам за мене и моето семејство“.
- На која работна позиција сте вработени во текстилната компанија Делтекс?
„Работам како пакувач во завршно одделение. Но, имам желба за учење и затоа почнав да се учам и на други работни позиции и операции, како што се распеглување, работа на машината за
обвиткување на копчиња и друго. Иако немам формално образование, колегите и мајсторицата ме научија да читам и пишувам основни работи и сум спремен за напредување. Во мај годинава полнам 22 години“.
- Што ве мотивираше да се вработите во Делтекс?
„Секако, имав потреба од работа. Побарав на неколку места. Тука ме вработија веднаш, иако немав никакво работно искуство, но имав желба за работа и учење“.
- Освен Вас, во Делтекс работи и целото ваше семејство. Зошто?
„Затоа што одлично не прифатија сите. Немаме проблеми со никој и не сакаме да бидеме зависни од социјална помош. Вака со работата можевме да земеме кредит, да си ја средеме куќата и подобро да живееме“.
- Националниот ромски центар, заедно со партнерите We Effect и компанијата што работите Делтекс, спроведуваат теренска кампања за задржување на Ромите на работните места. Како да ги мотивираме другите млади во Кочани, посебно жените Ромки, да се вработат и да го следат вашиот пример на задржување на работното место?
„Кој сака да работи, тој ќе има. Ако работат ќе можат сами да се издржуват, нема да зависат од државата и да чекаат помош од другите, ќе се дружат со многу луѓе, ќе запознаат друг свет. Здравје, ќе начекаат и пензија да можат да си земат“.
- Имате ли поддршка од менаџментот при соочување со работните предизвици? Како се соочувате и како ги решавате предизвиците на работното место?
„Да, имам поддршка и од одговорните и од колегите. За се што не ми е јасно може слободно да ги прашам и да ми одговорат и објаснат. Планирам да останам и да работам тука и да си ја гледам и
проширам фамилијата“.