МИРЕН ПРОТЕСТ НА СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ПОРАДИ ПУШТАЊЕТО НА СООБРАЌАЈОТ НА УЛЦАТА „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ ВО ДВЕ НАСОКИ

јуни 1, 2023
1 минути

Од понеделникот делот од  кружниот тек на улицата „Димитар Влахов“  каде таа се спојува со улицата „Стево Теодосиевски“ па се до кружниот тек кај „Велјан“ сообраќајот се одвива во двете насоки. Токму пуштањето на сообраќајот во двете насоки на овој дел од градот беше причината денес претставници од приватните фирми да излезат на мирен протест и јавно да ги повикаат надлежните да дојдат и да им ја објаснат причината зошто вала се постапи.

„Причината за денешниот протест е дека со пуштањето на улицата во двете насоки ние веќе немаме никакви услови за работа. Ние имаме тука 50 души вработени што чекаат едно парче леб. Нека ни обезбедат услови со паркинг, со дотур на роба за да доаѓаат муштерии да пазаруваат и да работиме сите. Тука се 12 дуќана и никој нас не не има известено за ова што се направи од понеделникот што значи дека никој нема обѕир спрема нас. Ќе го замолиме градскиот татко да дојде и да разговара со нас за да најдеме некое решение бидејќи ова вака не бива. Ако се продолжи вака ние наредниот пат ќе се организираме во поголем број и ако треба ќе ја затвориме улицата. Засега не сакаме да бидеме ригорозни со некои мерки туку само сакаме да го повикаме градскиот татко да дојде и да ги сослуша нашите проблеми што ги имаме тука. Оваа улица испадна најлошо црево во градот. Од три траки надолу испадна да нема некој да застане, да си истовара дева, да си истовара роба, а ние сите дуќанџии чекаме од тоа леб бидејќи ние не сме на државна работа ние работиме приватно. Ние не знаеме зошто ова вака се направи и непотребно ја оптеретија улицата, затоа го повикуваме да дојде градоначалникот и заеднички да изнајдеме решение од кое сите ќе имаме некоја полза“ изјави Естат Захариев сопственик на угостителски објект.

 

На крајот од мирниот протест беше нагласено дека доколку не се изнајде вистинско решение и не се реши сега овој веќе проблем со приватните фирми, тие ќе бидат спремни следниот пат да излезат на улицата и да го блокираат сообраќајот во двете насоки.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ