Денес во „Спортската сала „Сашо Лаззарев – Чапо“ во Кочани се одржа годинешното 25-то издание на Меморијалниот меѓународен турнир во борење „Легендите на Спартак 2025“.

Околу шеесетина борачи од боречките клубови во Македонија, од Благоев Град (Бугарија) и од Качаник (Косово) излегоа на душекот за да го покажат сиот свој раскошен талент.

Борачите и присутните во салата ги поздрави Дејан Богданов – Претседател на Боречката Федерација на Македонија, а турнирот за отворен го прогласи Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов.

Годинешниот турнир кој воедно беше посветен на трагично загинатите во дискотеката „Пулс“ се совпадна со еден убав јубилеј „60 години борење во Кочани“ а по тој повод Зоран Сребренов благодарници им додели на Владко Грозданов – Градоначалник на Општина Кочани, Александар Андов – Претседател на Советот на Општина Коани, Дејан Богданов – Претседател на Боречката Федерација на Македонија како и на ветераните на „Спартак“, Мане Јорданов и Влатко Соколов.

Иако турнирот беше добро организиран од домаќинот БК „Спартак“, иако на истиот продефилираа надежни борачи кои прикажаа мошне добри борби, сепак поради речиси никаквата посетеност на истиот ќе треба сите да се запрашат дали и понатака треба да се организира овој турнир.

По завршувањето на финалните борби беа прогласени и најуспешните:
– Освојувач на трофејот „Легендите на Спартак“ – Јован Илиев (Спартак)
– Најдобар домашен борач – Славица Митева (Спартак)
– Најдобар техничар на турнирот – Марко Јорданов – (Балканец)
– Најдобар странски борач – Јона Ракоци – Качаник (Косово)





С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
