Чудно, но вистинито. Иако температурите се од ден на ден се повисоки, иако многумина од нашите сограѓани немаат средства за летување на некоја дестинација надвор од градот, сепак малку е и чудно што „Олимпискиот базен“ кој е изграден од средства на граѓаните и е наменет а користење на граѓаните, уште не е ставен во функција ова лето.
Низ чаршијата многу муабети зошто не работи и кога и дали ова лето ќе проработи, но само надлежните од КЈП „Водовод“ знаат која е вистината.
Кон средината на тековниот месец гласно се зборуваше дека базенот ќе биде ставен во функција последните денови од месец јуни или првите денови од месец Јули за да сега кружат гласови дека истиот ќе можат да го користат граѓаните на Кочани и пошироко дури од средината на месец Јули а можеби и подоцна.
Штом толку се чекаше сигурно некој ќе има трпение да почека уште 2-3 седмици.
За потсетување само: Немањето на објект кој ќе го користат жителите на Кочани во летниот период беше причината да се роди идејата за изградба на базен. Благодарение на големите заложби на тогашниот Секретар на ОСИЗ за Физичка култура – Кочани Јордан Георгиев почна да се изготвува документацијата за изградба на Олимписки базен со димензии 50м х 25м на принцип за можно користење и на топла вода. Целата изградба на објектот чинеше тогашни 28.577.000,00 динари од кои 13.000.000,00 динари беа обезбедени од Фабриката „Руен“ (со 4-те ООЗТ), 3.000.000,00 динари од ТРО „Нова Трговија“ (со 5-те ООЗТ), 6.000.000,00 динари од ОСИЗ за физичка култура и 6.577.000,00 динари стоков кредит на изведувачот „Бродоимпекс“ од Белград средства кои до завршувањето на објектот ОСИЗ за физичка култура во целост ги исплати. Во 1989 година со Одлука на тогашниот Извршен Совет на Општина Кочани и со згаснувањето на интересните заедници базенот со еден од вработените му беше отстапен на управување и користење на КЈП „Водовод“ – Кочани. Се после тој период е историја.
Школката на Олимпискиот базен беше дело на „Цевовод“ од Марибор, а комплетната изградба на базенот го реализира „Бродоимпекс“ од Белград и неговите партнери.
Иако базенот беше отворен за посетителите на 04.Јули 1985 година (Ден на Борецот) истиот технички не беше предаден во употреба од страна на изведувачот.
С. Ивановски