Септември беше навистина плоден месец кога станува збор за ИО „Ластовица“ од Кочани. Тие и на дело покажаа дека се најактивната и најмасовната организација кога станува збор за младински активизам.
Изминатиот викенд беше организирано пешачење до врвот Туртел на планината Плачковица. На хајкот имаше 30 деца и 10 возрасни учесници. Меѓу нив, освен старешините на одредот имаше и родители, наставници и други сограѓани кои сакаа во живо да ги видат и почувствуваат извидничките благодети. Патеката до Туртел беше долга околу 14км, или околу 4 часа активно пешачење. Погледот што го имаа извидниците од околу 1700м, како и попатните совети и искуства, не може да се опишат со зборови.
Исто така, во тек е и редовната промоција на извидништвото по основните и средните училишта во градот. Преку кратка презентација неколку водичи од кочанскиот извиднички одред ги запознаваат присутните со главните цели и активности на извидничкото движење и вршат упис на нови членови.
Претходно претставници на одредот учествуваа и во други активности од кои би ги издвоиле извидничките средби во Велес и младинискиот едукативен камп во организација на ОО на Црвен крст од Кочани.
Следно појавување на извидниците ќе биде во градскиот парк во Кочани, во склоп на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ каде ќе бидат промовирани интересни извиднички содржини. Повелете, ве очекуваме!
ИО „Ластовица“ – Кочани