ЌЕ СЕ ДОГОВОРАТ ЛИ КОНЕЧНО ОПШТИНИТЕ КОЧАНИ И ПРОБИШТИП КОЈ ТРЕБА ДА ГО СОБИРА СМЕТОТ НА ПОНИКВА?

јули 18, 2023
1 min read

Изминатите денови неколку јавувања не иритираа повторно да се напише збор-два за сметот на Пониква кој го остават и туристи, и сопственици на викендички а и сопствениците на угостителските објекти.

Ако сите досега вината за не собраниот смет ја бараа во  КЈП „Водовод“ – Кочани,  правеа грешка. Од комуналното претпријатие ни изјавија дека тоа не е нивна обврска, туку дека досега благодарение на нивната добра волја а во интерес на развивањето на туризмот на Пониква оделе и го собирале сметот.

Ако се бара причината кој е виновникот што Пониква никако да почне да наликува на вистинска туристичка атракција одговорот ќе се најде во немањето дијалог помеѓу општините Кочани и Пробиштип. Ако се знае дека и двете општини со јавно надавање продаваат плацови за викендички и за угостителски објекти и собираат значителни средства тогаш тој проблем треба и двете општини да го решат.

Пред повеќе од осум години се направи обид да се формира заедничко претпријатие меѓу двете општини но таа идеја никако не заживеа.

Но што е тука е, треба час поскоро да се седне на маса и да се потпише еден заеднички договор за тоа која општина ќе си ја преземе обврската да го собира сметот. И општината на која ќе и се „падне паричката“ може да донесе преку својот Совет одлука кој и колку од сопствениците на објектите ќе плаќа за собирање на смет, нешто слично како што се донесе одлука за наплата на комунална такса за јавно осветлување на Пониква.

Единственото решение е тоа, е сега дали и двете општини ќе најдат заеднички јазик да го решат овој проблем зависи од нив, а дотогаш бројот на гостите ќе се намалува а туристите и сопствениците на викендичките и угостителските објекти ќе продолжат да реагираат зошто навреме не се собира сметот на Пониква.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ