КОЧАНЧАНЕЦ НА ЧЕЛО НА ТЕАТАРОТ КОМЕДИЈА

јануари 14, 2022
1 минути

Нашиот сограѓанин Дарко Спасов кој е  вработен во театарот Комедија како драматург, денес е назначен за в.д. директор на оваа установа. Решението од „Министерството за култура“ веќе пристигнало во „Комедија“. Ова е последна одлука на министерката за култура во заминување , Ирена Стефоска а Спасов доаѓа на местото на актерката Магдалена Ризова Черних.

„Oд страна на раководното лице Магдалена Ризова Черних, в.д. директор на Националната установа Театар Комедија – Скопје, и покрај доставеното укажување од Министерството за култура за потреба од измени на подзаконскиот акт на Националната установа, до денот на донесување на решението за престанок на мандат, и покрај надлежноста истото да се заврши во законски определен рок, не е направено усогласување на Статутот на Националната установа Театар Комедија – Скопје, согласно Меѓународната фраскатиева класификација, соопштија од „Министерството за култура“.

Ризова Черних функцијата в.д. директорка на театарот Комедија почна да ја обавува од 24 ноември минатата година, откако беше разрешена Нора Шакири-Марковиќ. Образложението од Министерството за култура за Шакири- Марковиќ беше дека спротивно на Изборниот законик, Законот за спречување корупција и судир на интереси и Законот за заштита од вознемирување на работно место, во изборниот период спровела дисциплинска постапка против вработен кој не доаѓал на работа повеќе денови. Според ДКСК Шакири не работела противзаконски.

Мандатот на Черних како в.д. директорка се поклопи со конкурсот кој „Министерството за култура“ кое го распиша за избор на директор на театарот Комедија, но тој беше поништен и ни еден од тројцата кандидати од „ Комедија “ не беше избран зашто Статутот на театарот не е ускладен со Законот за култура.

Изборот на Дарко Спасов за в.д. директор го побараа вработените во „ Комедија“ од „Министерството за култура“, откако Нора Шакири- Марковиќ беше разрешена.

Согласно законот Спасов како в.д. директор има мандат од 6 месеци, со можност тој да се повтори уште еднаш.

С  Ивановски