Сите убави нешта кога фудбалот е во прашање кон крајот на минатата седмица беа резервирани за фудбалскиот трансфер на извонредниот Јован Манов од „Брегалница“ (Штип) во „Адана Демирспор“.
Сонот кој го имаше ова скромно момче, но голем работник и на тренинзите и на натпреварите се претвори во реалност. Одличниот Јован Манев замина да игра во Првата фудбалска лига на Турција.
Фудбалот го започна во матичниот клуб „Иднина С“ од Оризари кога под водството на тренерот Венцо Лазов заигра во Детските лиги што беа под покровителство на ОФС Кочани.
Веќе во натпреварувачката 2013/2014 година почна да игра за екипата на ФК „Кочани“. Напредокот на Манев беше евидентен па се пресели во Академијата на „Брегалница“ од Штип.
Летото 2017 година потпишува за ФК „Осогово“ од Кочани кој таа сезона се натпреваруваше во Втора Фудбалска Лига – Исток. Одличните игри на позицијата штопер ги принудија луѓето од „Брегалница“ – Штип по само една сезона да го вратат во своите редови каде во изминатите сезони Манев беше една од главните оски во екипата што беше јасна препорака за селекторот да го повика во Репрезентацијата на Македонија У-21.
Сега нашиот Јован Манев со своите игри ќе ги разгалува срцата на навивачите на „Адана Демирспор“ на чиј стадион „Јени Адана Стадион“ можат да се соберат 33.000 гледачи.
„Голема чест за мене претставува доаѓањето во еден ваков клуб каков што е Адана Демисрспор. Уште на почетокот сватив дека сум дојден во една прекрасна средина исполнета со искреност, како од страна на првите луѓе на клубот, така и до соиграчите и навивачите. Да се биде во тим во кој играат имиња како еден Џокан Илнер, Марио Балотели, Белханда и останатите е обврска секогаш да го давам својот максимум и да напредувам покрај нив. Вредно работам и сакам да бидам што повеќе спремен за настапите кои не очекуваат оваа година. Искрена благодарност до сите оние што беа вклучени во овој трансфер и ми овозможија мојот сон да стане реалност“ беше првото она што ни го кажа Јован Манев, фудбалерот кој на голема врата влегува во Европскиот фудбал.
Среќно Јован, нé направи горди сите оние кои те познаваме, но очекуваме да бидеме уште погорди кога ќе почнеш да добиваш овации на отворена сцена од навивачите на „Адана Демирспор“.
С. Ивановски