КОЈ ВСУШНОСТ БЕШЕ ГОЛМАНОТ НА „СПАРТМАНИ“ НА НАТПРЕВАРОТ ПРОТИВ „ОСОГОВО“?

Во Спорт
март 28, 2023
1 минути

И по поминати 48 часа од одигрувањето на натпреварот од 15-тото коло во Трета Фудбалска Лига – Исток  „Осогово“ – „Спартмани“ сеуште е мистерија , кој всушност беше голманот на „Спартмани“ што успеа во 84’ еден крајно коректен и фер натпревар да го доведе до работ на инцидент.

Во официјалниот записник како голман на „Спартмани“ е пријавен Јосиф Милчев со легитимација број 132098. И токму во нашиот извештај по натпреварот е спомнат Јосиф Милчев. Но по објавувањето на текстот од некои фудбалски работници од Струмица и од регионот бевме предупредени дека имаме грешка дека голманот кој е на фотографијата не е Јосиф Милчев, туку извесен Филип Лазаров.

По неколку проверки во официјалниот Записник не најдовме име на играч кај „Спартмани“ како Филип Лазаров и оставивме текстот да остане онаков каков што првично беше објавен.

Е токму тој Јосиф Милчев од само нему познати причини во 84’ го напушти својот шеснаесетник и дојде на триесетина метри од никого не повикан кај повредениот играч на „Осогово“ Давид Митев кој патем, по укажаната лекарска помош беше на раце изнесен од теренот.

Публиката реагираше за однесувањето на гостинскиот голман кој потоа почна нешто да дофрла кон гледачите и домашната клупа од каде провокацијата  ја прифати еден од членовите на Стручниот штаб на домаќините кој тргна кон аут-линијата. За среќа поради присебноста на играчи од двете екипи и на стручните штабови не дојде до физички контакт на двајцата ратоборни.

По завршување на натпреварот на излегување од стадионот бевме информирани дека нешто се случувало во тунелот, се вративме и го прашавме делегатот се со цел да ја информираме јавноста. Како добивме одговор дека ништо не видел туку дека нешто наслушнал заминавме од стадионот.

Во вечерните часови во коментарите под текстот разбравме дека еден гостински играч бил „нападнат“ и дека истиот побарал итна медицинска  помош.

Утредента (Понеделник) побаравме информација од надлежните во Општа болница – Кочани а во нивниот одговор пишува „Донесен во 17 часот и 20 минути Филип Лазаров од село Дрвош, се жали дека е удрен од непознато лице во пределот на стомакот, направена е лабораторија и даден совет од дежурен лекар“. Истото лице Филип Лазаров е заведен и во дневниот билтен во ПС – Кочани.

По сето ова се поставува прашање кој всушност го чуваше голот на „Спартмани“ на неделниот натпревар против „Осогово“, дали запишаниот во Записникот Јосиф Милчев или Филип Лазаров кој не е заведен никаде во Записникот а го има пријавено „нападот“.
На потег се органите во Трета Фудбалска Лига – Исток, да го испитаат целиот случај детално и потоа да донесат Одлука.

Настанот кој е полн со контрадикторности и кој ја заинтригира фудбалската јавност во регионот мора  да го добие праведниот епилог.

С. Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ