ЛОШ ПРОЛЕТЕН СТАРТ НА ФУДБАЛЕРИТЕ НА „ОСОГОВО“

Во Спорт
февруари 22, 2022
0 минути

Полетниот старт и поразот на „Осогово“ на домашен терен од „Беласица“ и победата на „Детонит јуниор“ во Градско уште повеќе ја закомплицира и онака неизвесноста околу освојувањето барем на шестото место во Втората фудбалска лига – Исток, место кое директно обезбедува пласман во единствената Втора фудбалска лига што треба да стартува од следното првенство.

Факт е дека „жетварите“ стартуваа со доста изменет состав, со доста нови играчи, но оние што ја правеа селекцијата во зимскиот преоден рок убедуваа дека составот нема да биде ништо послаб од ланскиот, но сепак по играта што ја прикажаа сите оние кои во саботата беа на теренот заклучокот е дека овој нов состав на „Осогово“ скал некој да признае или не, е „гола вода“.

Првиот заклучок може да не залажува и нас и љубителите на фудбалот во Кочани, но да си немоќен против една просечна екипа на „Беласица“ само укажува дека си уште попросечно  играл од противникот. Можеби раното водство на гостите уште во 4’ од два гола разлика си го стори своето, но да не создадеш ниту една шанса во второто полувреме покажува дека нешто не е во ред со екипата.

Во следните две кола играчите на „Осогово“ имаат можност да не демантираат и нас и сите оние кои разочарани од прикажаното предвреме го напуштија саботниот натпревар. Во двете наредни кола „Осогово“ најпрвин му гостува на „Пехчево“ (Кит Го) а потоа го пречекува традиционално незгодниот тим на „Кожуф“. Токму овие два следни натпревара треба да ја дадат реалната слика и да покажат дали најавите за пласман во првите шест екипи беа реалност или се беше онака стихијно кажано.

Поразот од „Беласица“ боли, а дали загубеното има шанса некаде да се надомести ќе дознаеме веќе во сабота нешто околу 16 часот.

С. Ивановски