МЕДАЛ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ЗА ОТПАДНИ ВОДИ ВО МОЈАНЦИ

март 15, 2024
1 минути

Рето Булер, претставникот на консултантската куќа „ЕБП“ при реализацијата на проектот Пречистителна станица за отпадни води во Мојанци, денеска, во Кочани го донесе престижното признание – медал за чест  на Пречистителната станица во Кочани, коешто Асоцијацијата за отпадни води во Швајцарија го доделува за енергетски ефикасни оператори.

„Среќен сум што денеска сум тука, за реализацијата на Пречистителната станица за отпадни води, во која Швајцарија инвестира повеќе од 20 милиони швајцарски франци. Причината е медалот од Асоцијацијата за отпадни води во Швајцарија, и тоа е првиот медал што е даден на проект  реализиран надвор од границите на Швајцарија. Медалот е добиен затоа што инсталиравме фотоволтаична централа на Пречистителната станица, која заедно со комората за производство на гас, покрива околу 70 %  од целокупната потребна енергија за преработката на отпадните води “ изјави Булер.

Градоначалникот на Општина Кочани го изрази задоволството од признанието и упати благодарност до сите учесници во реализацијата на Пречистителната станица.

„Задоволството е уште поголемо ако се навратиме наназад, кога почна оваа приказна во 2012 година, со изработката на физибилити-студијата и потребата од воспоставување на еден ваков објект, поминатите патишта и крајниот резултат кој во овој момент  го крунисуваме со овој медал. Во поглед на енергетската ефикасност сакам да го потенцирам моментот дека Општина Кочани заедно со КЈП „Водовод“ прави дополнителни напори за зголемување на овој процент  што беше спомнат, 70 %, за покриеност на потрошувачката на електричната енергија. Заедно со Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија, правиме дополнителна инвестиција за инсталирање на 560 киловати, постројки кои ќе репродуцираат дополнителни количини електрична енергија, со што бројката од 100 % за потребите на овој објект, во периодот кога имаме сончеви денови, ќе биде надмината и дел од вишокот на електрична енергија ќе може да се пласира на слободниот пазар“  истакна Папазов.

Благодарност за признанието упати и Радостина Стоилкова, раководителка на Пречистителната станица за отпадни води во Мојанци.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ