МЛАДИНСКИ ШАХОВСКИ СРЕДБИ ВО ЧЕСТ НА ТОДОР МИЛОСИЕВ

Во Спорт
април 29, 2022
1 минути

Како увертира на претстојниот прв Меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев-Тошо“, вечерва младинци од Кочани одиграа меѓусебни шаховски партии во чест на нивниот учител Милосиев.

„Тодор Милосиев несебично се посветуваше на секого од нас, нѐ учеше и се грижеше постојано да напредуваме. Во шаховската традиција на Кочани, тој останува значајно име и има голем придонес за постигнатите шаховски резултати на државно и на меѓународно ниво. Благодарноста за тоа што го стори за нас ја искажуваме и со овие младински шаховски средби“ истакна Јована Давиткова, државна првенка во шах во четири наврати, учесник на Европското и на Светското првенство во шах.

Покрај тринаесетгодишната Давиткова, на средбата настапија и Матеј Диванисов, Андреј Јовановски, Драган Хаџивасилев, Андреј Јанев и Јован Филипов, членови на Шаховскиот клуб „Кочани“, како и гостинот Емануел Ангеловски, по потекло кочанец кој живее и учи во Швајцарија и членува во Шаховскиот клуб „Цирих Зебах“.

„Познато ми е дека Кочани има добри шахисти, па мојот престој овде го искористив да се дружам и да учам од нив. Иако не живеам постојано овде, ако ми дозволат, би сакал и јас да се зачленам во Шаховскиот клуб „Кочани“. Чест ми е што сум со младите што искажуваат почит кон шахистот и ментор Тодор Милосиев, затоа што учителите се многу важни за успехот на учениците“ вели Ангеловски.

Првиот Меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев-Тошо“ ќе се одржи утре, 30 април, во просториите на Шаховскиот клуб „Кочани“.