МНОЗИНСТВОТО ВО СОВЕТОТ ГИ ПОДЕЛИ ЖИТЕЛИТЕ НА ОПШТИНА КОЧАНИ

декември 13, 2021
1 минути

Не помина многу, а веќе на третата седница на Советот на Општина Кочани се покажа дека мнозинството во Советот  по се изгледа е решено до крај и во сé да ја брани агендата што им ја ветиле на дел од населението во Општина Кочани за време на кампањата.

Имено по првата точка  од дневниот ред „Финансов извештај на КЈП Водовод – Кочани за периодот 01.01.-01.09.2021 година“ советникот Венко Крстевски даде предлог да жителите во околните села почнат да ја плаќаат услугата за изнесување смет по истата тарифа  како и жителите во градот, односно утврдената цена по м², а не како досега колку и да имаат дворна површина и дом за живеење износот да е паушален, односно 100,00 денари.

Со изедначувањето на сите корисници на услугите од КЈП „Водовод“, односно со еднакво плаќање на  услугите за изнесување на смет, во фондот на претпријатието би се слевале повеќе средства кои би биле наменети за обновување на возниот парк, односно за купување на што поголем број возила за собирање на смет а со тоа и се почесто собирање на сметот во селата.

За жал овој предлог на Крстевски не помина, односно мнозинството во Советот кое моментно го сочинуваат 8 советника од ВМРО ДПМНЕ и коалиционите партнери, 1 од Левица и 1 од ЛДП и ДОМ гласаа против.

Што би се случило сега доколку жителите на градот искажат револт кон поделбата на населението и со петиција побараат сите еднакво да ги плаќаме трошоците кои со законите се предвидени.

Но, кој знае, можеби на некоја следна седница и кај мнозинството во Советот ќе проработи чувството на еднаквоста за сите жители на Општина Кочани па ваквиот предлог ќе се најде како посебна точка на дневен ред и ќе биде усвоен.

Трпение, пред овој Совет има уште добри четири години работа.

С. Ивановски