САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА АКАДЕМСКАТА УМЕТНИЦА АЛЕКСАНДРА ДИМИТРОВА

декември 13, 2021
1 минути

Денес во Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница беше отворена изложбата „Нова димензија во создавање 1“ од академската уметница  Александра Димитрова од Кочани.

Најновиот ликовен циклус на академската уметница Александра Димитрова, работен во периодот на 2021 година под наслов „Нова димензија во создавање 1“, претставува продолжеток на еден творечки концепт кој уште од 2018 година ( реализиран на изложбата “Нова димензија во создавање“), е со тенденција на перманентна надградба и разработка, најпрвин транспониран во акварелот како ликовна техника, а сегаи на платно.

Димитрова во своето ликовно творештво негува еден добро утврден ликовен израз кој припаѓа на апстрактната ликовна сфера, во која имагинарното и имагинативното се базисот од кој се раѓа и се развива сликарската идеја и содржина.

Следејќи го внатрешниот порив, авторката, низ призмата на интуитивното, таинственото, духовното и емоционалното доживување, ја провлекува и вообличува ликовната поетика на своите дела („Духовна димензија “, „ Експресивна димензија“, „ Димензија во создавање “…и др.).

Сликите на Димитрова се своевиден говор за внатрешните доживувања, чувствата, мислите; секое дело претставува ликовно евидентирање на архетипските таинства на битието, отисок на безброј прашања и одговори за сопствените вистини, визии; лична исповед, мал интимен разговор.
Во актуелниот ликовен циклус станува збор за дела во кои бојата ја има главната улога во градење на структурно – изразната содржина на делото. Интензивна и сјајна,богатата колористичка палета поставена во смели контрастни комбинации и соодноси, визуелно зборува за проекција на силен внатрешен набој и ерупција на чувствата.

Со енергичен и импулсивен потез на четката, Димитрова на платното нанесува светли хроматски и ахроматски тонови на боја, создавајќи впечатлив колоритен исказ ко јоддишува со одредена акварелност, но и екпресивност во изразот.Но раката на авторката не застанува тука. Врз сликаната површина нејзините интервенции во облик на линеарни гребаници уште повеќе ја нагласуваат драматичноста на призорот, предизвикувајќи го рецепиентот да ја “прочита“ насликаната содржина или барем да ги почувствува личните расположенија на авторката.

Љубителите на уметноста изложбата ќе можат да ја посетат во наредните две седмици.