МУ СЕ ДОПАЃАЛО НЕКОМУ ИЛИ НЕ, „ОСОГОВО“ ОСТАНА ВО ВТОРАТА ЛИГА

мај 23, 2024
1 min read

Му се допаѓало некому или не, „Осогово“ и во следното првенство ќе игра во второлигашкото друштво. Она што вистинските љубители на фудбалот во градот го посакуваа а особено верните навивачи на „Осогово“ се реализираше. Во последното коло „Осогово“ на радост на таа армија навивачи а за жал на одредени поединци или мала група скептици го совлада новиот прволигаш „Пелистер“ и остана и следното првенство да го игра на второлигашките терени.

 

А не беше баш така за време на првенството.

„Осогово“ со новиот Шеф на стручниот штаб лошо стартуваше, првите пет кола ги завршија со нула бодови па почнаа приказните и критиките каде е грешката и дали и како треба да се поправи. На следните три натпревари се освоија седум бодови и малку се роди надежта дека работите ќе тргнат на подобро, но наиде пауза во првенството поради репрезентативните обврски за да потоа во преостанатите седум кола се собраа одвај пет бодови и „жетварите“ на крајот на есенскиот дел од првенството останат на 14-тото место, место кое води во бараж натпревар.

 

Поради отсуство на Шефот на стручниот штаб Добринко Илиевски на поголемиот дел од зимските подготовки почнаа приказните по кулоарите дека ќе дојде до негова смена, но не излезе така, тој подоцна се приклучи во подготвителниот процес и продолжи со работата.

Пролетниот дел речиси копија на есенскиот, во првите шест кола само пет освоени бодови и „сочувано“ местото кое води во бараж натпреварите со третолигашите.  Од 22 – 27 коло се собраа уште само шест бода за да во последните три од пролетниот дел од првенството се освојат седум бодови што значеа и опстанок во Втората Фудбалска Лига.

Кога се ќе се собере и одземе „Осогово“ одигра турбулентно лоша второлигашка сезона. Гледачите и навивачите на „жолто-сините“ не беа задоволни ниту од играта на нивниот миленик, ниту од резултатите. Повиците од вечно незадоволните дека медиумите се тие што треба да допринесат за да дојде до смена на кормилото на „Осогово“ беа упатувани на погрешна адреса. Иако медиумите во објавите јавно укажуваа за лошата игра и за лошите резултати на „Осогово“, сепак  тие не одлучуваа пред првенството кој да дојде на чело на клубот, ниту тие ги подмируваа трошоците, си имаше луѓе кои работеа на тој проблем и тие требаше да одлучат што и како. Но на крајот излезе дека тие што ги ангажираа играчите и стручниот штаб и што преку целата сезона ги плаќаа, се задоволни од нивната работа и од обезбедениот опстанок во лигата.

Глетката од неделниот натпревар на стадионот „Никола Мантов“ чија западна трибина беше исполнета речиси до последното место покажа дека во Кочани сепак се сака фудбалот. Но жалосно е што таа трибина се наполни дури во последното коло, додека преку целиот дел на првенството максимум се собираа до петстотини гледачи.

Ако сакаат кочанчани фудбал да гледаат и нивниот миленик да бележи што подобри резултати потребно е во следното првенство атмосферата ако не иста барем да биде слична на онаа против „Пелистер“ бидејќи така и играчите ќе имаат поголема желба да играат и касата на клубот ќе се пополнува бидејќи во „градот на оризот“ меѓу толку успешни компании остана „Осогово“ да се финансира само со средствата од Буџетот од Локалната самоуправа.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ