НА 6.ОКТОМВРИ НОВ ПРОТЕСТ НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ПОЗАДИ „БЕЛИ МУГРИ“

октомври 5, 2023
0 min read

Иницијативниот одбор на пензионерите во променет состав, кои протестираат поради ниските пензии, и бараат линеарно зголемување, сега веќе од 5.000 денари и определување минимална пензија од најмалку 20.000 денари, најави нов протестен собир за петок, 06. Октомври, во 17 часот.

Протестот ќе се одржи во паркот позади ЦК „Бели Мугри“, а пред присутните ќе се обратат членови на ИО, кои ќе информираат за досегашните активности, како и за донесените одлуки за понатамошното организирање на протестите.

Членовите на Иницијативниот одбор, истовремено, го искажуваат својот револт поради намаленото покачување на пензиите од ветените 6,8% на 5,3%, сомневајќи се во начинот на усогласувањето, како и поради фактот дека најниските пензии пораснаа за помалку од 700 денари, а највисоките пензии пораснаа за над 3.500 денари, или пет пати повеќе.

Иницијативниот одбор на пензионерите од Кочани реагира и на распоредот на гостите во емисијата на ТВ 24, каде претседателката на Сојузот наместо да седи до пензионерот, таа седеше на другата страна и бранеше исти ставови со Министерката, инплицирајќи на тој начин дека е против своето членство, и алудирајќи на партиска позадина на протестите.

Пензионерите се борат за повисоки пензии, сега со барања до актуелната власт, утре до некоја нова власт, бидејќи со 12.000 денари не се издржува.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ