ГЛЕДАЧИТЕ НА „ОСОГОВО“ СЕ ПОСЕБЕН ФЕНОМЕН, ОД 500 НА ТРИБИНИТЕ САМО 130 СО КУПЕНИ ВЛЕЗНИЦИ

Во Спорт
октомври 2, 2024
1 минути

Како и повеќето клубови, така и Фудбалскиот клуб „Осогово“ мака мачи со години како да обезбеди поголем буџет и да започне клубот да оди во нагорна линија. Ако не е Локалната самоуправа клубот едноставно ќе остане без скршен денар, а можности да се обезбедат финансиски средства има, само што некој ќе треба тоа добро да го изменаџира.

Во саботата во рамките на 6-тото коло од Втората фудбалска лига, „Осогово“ му беше домаќин на „Борец“ од Велес. На трибините според слободна проценка околу 500 гледачи, и таман човек ќе си помисли дека некој денар влегол во благајната на клубот и колку-толку ќе се покријат дел од трошоците кога излезе фрапантен податок дека 130 влезници се само продадени кои заедно со сезонските 50 заокружуваат бројка од 180.

Прашањето е како останатите без никаков срам влегле без да платат влезница која изнесува ни повеќе ни помалку, туку 100,00 денари, колку едно кафе во кафулињата.

Значи во саботата на трибините се нашле 320 „паметни“, а останатите во која категорија во таа нека читателите ги вметнат.

Епа пријатели, вие ниту го сакате клубот, ниту ве интересираат неговите резултати, вие (извесен број) влегувате без да платите влезница а за цело време на натпреварот а и по неговото завршување сеир си терате.

Вака навистина не оди. Под претпоставка да сите 500 гледачи платиле влезници, со тие 50.000 денари на играчите ако ништо друго барем пет ручека ќе сме им обезбедиле.

Образложението дека некои играле во минатото за клубот, други биле службени лица, а трети помагале во некои организации на клубот  не „носат вода“ бидејќи: баз плата или премии никој од нив не играл, туку се им било платено, а некои  дури биле и вработувани.

Ако се сака прогрес на клубот мора сите структури добро да бидат организирани се со цел да се обезбедува што поголем број на средства и да се ангажираат барем по 2-3 проверени и искусни играчи кои ќе ги поведат овие од младинскиот погон и „Осогово“ конечно ќе тргне во нагорна линија.

Сите го сакаме „Осогово“, ама нели, секој со своето убедување.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ