Денешниот ден уште еднаш покажа дека Кочани тешко ќе го заборави кобниот 16. Март кога од нашите прегратки се откинаа 62 млади животи.
Во вторник се навршува пола година од она најлошото што го снајде не само Кочани туку и Македонија. По тој повод денес претпладне на Градските гробишта во Кочани Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички господин Иларион отслужи помен за покој на душите на сите пострадани во пожарот во Кочани, во сослужение на свештенослужители од Кочанското архиерејско намесништво.
Во попладневните часови на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани за време на натпреварот „Осогово“ – „Скопје“ Навивачката Група „Сејмени“ истакна транспарент на кого пишуваше „ЗАСЕКОГАШ СО НАС’ со што уште еднаш им оддадоа почит на Аце и Томас големите навивачи на „Осогово“ и членови на навивачката група.
Како денешниот ден се совпадна и со роденденот на Томас најпрвин натпреварот започна со едно минутно молчење а потоа „Сејмени“ пуштија бели балони кои отидоа кај нашите Ангелчиња.
Нека им е вечна слава.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ