„НЕЈЗИНОТО ВИСОЧЕСТВО – КНИГАТА“, ТЕМА НА НАГРАДНИОТ КОНКУРС ЗА НАЈДОБАР РАСКАЗ НА БИБЛИОТЕКА „ИСКРА“

октомври 27, 2022
1 минути

По повод одбележувањето на Месецот на книгата, кој трае од 15 октомври до 15 ноември, Јавната општинска установа библиотека „Искра“ од Кочани распиша Награден литературен конкурс за најдобар расказ на тема: Нејзиното височество – книгата.

„Целта на конкурсот, кој е наменет за ученици од основните и од средните  училишта во Кочани, е да ја поттикне љубовта кон читањето книги, размислувањата и видувањата на прочитаното, но и да го зајакне писмениот израз кај младата генерација. Од друга страна, конкурсот е конципиран така што ги вклучува и учениците и наставниците по предметот Македонски јазик и литература, како и самите училишта“ вели Мара Анастасова, координаторка на конкурсот, виш библиотекар во „Искра“.

Право на учество на конкурсот имаат учениците од шесто до деветто одделение од основните училишта и учениците од прва до четврта година од средните училишта во општина Кочани.

Авторите конкурираат анонимно, со шифри на своите творби, а конкурсот е отворен до 31 октомври.

Најдобрите раскази ќе бидат рангирани со прво, второ и трето место во две категории: основно и средно образование. На првите места ќе им бидат доделени парични награди.

Прогласувањето на наградените ќе биде на 7 ноември 2022 година, а учениците со освоено прво место ќе ги прочитаат своите раскази на свеченото отворање на XVI Саем на книги во Кочани, кој исто така се организира по повод Месецот на книгата.