НОВА ОПРЕМА И АЛАТ ВРЕДНИ ДВА МИЛИОНА ДЕНАРИ ЗА ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД КОЧАНИ

јануари 18, 2022
0 min read

Територијалната противпожарна единица од Кочани ќе добие нова опрема, алат и работни униформи вредни два милиона денари, што се обезбедени од општинскиот буџет.

За набавка и инсталирање на пумпа и резервоар за вода со специјални млазници на новото интервентно возило, што неодамна го донираа Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП, ќе се инвестира околу една третина од средствата. Општина Кочани презеде обврска да го докомплетира со неопхподната опрема, а набавката ќе се реализира во текот на идниот месец. Со тоа возилото ќе биде целосно функционално и мобилно за интервенции на терен.

Дополнително, од општинскиот буџет ќе се издвојат над половина милион денари за набавка на нови млазници и витли со црева за другите противпожарни возила, како и за комуникациски уреди за противпожарната единица. За безбедно влегување во објекти пожарникарите ќе добијат наменски заштитни маски со вградени микрофони, за што се планира да се платат 170 илјади денари. Остатокот од планираната сума за инвестиции ќе се потроши за нови зимски работни униформи и за купување мобилни противпожарни апарати.

Набавката на целата опрема треба да се спроведе во првата половина од годинава, кога треба да се реализира и планираното доуредување на просториите на ТППЕ – Кочани.

ИЗВОР: ТВ Канал 8