ОД УТРЕ (24.ЈУНИ) ДЕЛУМНА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ ВО ШУМИ И ШУМСКО ЗЕМЈИШТЕ, КАЗНИТЕ ОД 1.500 – 2.000 ЕВРА

јуни 23, 2022
0 минути

Јавното Претпријатие  „Национални шуми” – Скопје поднесе барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно член 57 став 2 од Законот за шумите кое пак даде согласност за воведување делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од 06:00 до 20:00 часот.

Забраната стапува во сила од утре и се воведува со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.

Делумната забрана за движење во шума ќе стапи на сила од 24.06.2022 година и ќе трае се до проценката дека е намален ризикот од појавана шумски пожари, односно до нејзиното отповикување.

Од „Национални шуми“ наведуваат дека оваа делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми”, субјектите што вршат шумскостопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, стручните служби на концесионерите на дивечот во ловиштата и лица коишто имаат писмено одобрени за движење во шумите.

За непочитување на оваа забрана на физичките лица кои ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.