ОПОЗИЦИСКАТА ГРУПА ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА

февруари 4, 2022
0 минути

Опозициската група на коалицијата предводена од СДСМ во Советот на Општина Кочани, заедно со советникот Венко Крстевски, избран од група граѓани, попладнево ја напуштија работата на шестата редовна седница, што се  одвиваше во тензична атмосфера.

Причина за таквата постапка беше оценката дека е нарушена правната процедура за точка од дневниот ред на која имаше изземање од гласање на двајца советници поради судир на лични интереси за прашањето за кое се одлучуваше.

„До напуштањето дојде затоа што претседателот на Советот не го прифати нашиот предлог да ја прекине седницата и продолжението да го закаже за друг ден, а во меѓувреме од повисока стручна инстанца да се побара правно толкување дали со изземањето на советниците тие и понатаму го сочинуваат кворумот, со оглед што сè уште се присутни на истата седница, но без право на глас за оваа точка. Нашето барање не беше прифатено и покрај укажувањето дека се крши правната процедура за што се можни законски санкции, по што заминавме од седницата“, истакна координаторот на опозициската советничка група, Ивица Лазаров.

Претседателот на Советот, Лазо Митев ја оцени постапката како скандалозна, со што се руши дигнитетот на институцијата.

„Дел од колегите кои беа во претходниот состав на Советот имаат искуство и знаат како се работи, но ја злоупотребија својата позиција, направија скандал и брутално го прекршија Деловникот за работа. Притоа, подлегнаа на провокациите од колегата Крстевски, иако очекував да покажат достоинство и почит кон институцијата чиј дел се, но и кон граѓаните од коишто се избрани“, истакна Митев.

Седницата на Советот продолжи со советниците од мнозинството, при што советничката од партијата Левица, иако гласаше позитивно за точката од дневниот ред, побара преиспитување на исправноста на одлуката дали со девет гласа од можни деветнаесет таа е усвоена.

ИЗВОР: ТВ  Канал 8