ОПШТИНА КОЧАНИ ОСТАНА БЕЗ ДОГОВОР ЗА СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

декември 28, 2021
1 минути

Општина Кочани остана без договор за снабдување со електрична енергија од слободниот пазар, односно од 1 јануари догодина ќе ја нема договорената цена по јавната набавка што се реализираше во септември годинава.

Фирмата Соларпро холдинг ДООЕЛ – Скопје, која на тендерската постапка беше избрана за снабдувач, го раскинува договорот со образложение дека настанале нови услови на пазарот на електрична енергија, а што не можеле да се предвидат во моментот на неговото склучување. Тоа се однесува на прогласената енергетска кризна состојба во согласност со Законот за енергетика, поради што исполнувањето на договорните обврски е отежнато и снабдувачот трпи големи загуби, со што договорот не е одржлив.

-Со оглед што Општина Кочани е на листата на големи потрошувачи, не постои можност да се врати кај универзалниот снабдувач, а со електрична енергија привремено ќе продолжи да се снабдува како и досега. Максималниот период во кој може да набавува струја од досегашниот снабдувач е 90 дена, при што треба во овој рок повторно да објави оглас за склучување нов договор за јавна набавка, се истакнува во информацијата од Локалната самоуправа на Кочани.

Ако постапката за склучување нов договор не заврши навреме, можно е покрај зградата на Општината, со проблеми во снабадувањето со струја да се соочат и КЈП „Водовод“, општинските основни и средни училишта, детската градинка „Павлина Велјанова“, библиотеката „Искра“, како и другите правни субјекти што се под општинска надлежност.

Советот на Општина Кочани ќе испрати препорака до Владата превентивно да планира финансиски средства во буџетот за набавка на електрична енергија, како и да предвиди мерки за заштита и субвенционирање на трошоците за електрична енергија.

ИЗВОР: ТВ Канал 8