ОПШТИНА КОЧАНИ СО ПОДДРШКА НА КАМПОТ ЗА МЛАДИ ИНФОРМАТИЧАРИ

август 7, 2023
0 минути

Денеска во „Еуро хотел Градче“ во Кочани започна Кампот за млади информатичари.

Кампот, кој претставува шестдневна обука на јуниорските и на сениорските информатичари што ќе ја претставуваат Македонија на идните олимпијади и натпревари по информатика ширум светот, го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов. Тој го изрази задоволството што Општината и Советот даваат поддршка за едукација на најбистрите умови во државата.

„Задоволството е големо кога можеме заеднички да ги поттикнеме учениците во освојувањето нови знаења и вештини и што во осумтемина млади информатичари е и Владимир Грчев од Кочани. Важни сте ни, затоа што како потврдени и наградени учесници на олимпијади и светски натпревари по информатика едновремено учите како ефикасно да ги решавате проблемите“ истакна во поздравното обраќање градоначалникот Папазов.

Како израз на вербата дека нашите млади информатичари ќе станат врвни во својата струка и во знак на сеќавање на овој камп, градоначалникот побара автограми од нив.

Кампот за млади информатичари е во организација на Здружението „Бистри умови“, во соработка со Здружението на информатичари и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а со финансиска поддршка од Општина Кочани.