„ОСОГОВО“ ИМ ПОДАРИ НОВО РАЗОЧАРУВАЊЕ НА СВОИТЕ НАВИВАЧИ, НИТУ ИГРА НИТУ ДОБАР РЕЗУЛТАТ

април 13, 2024
1 min read

Уште еден срамен пораз им приредија играчите на „Осогово“ на своите навивачи. Поразот можеби и не е толку болен ако се знае дека денес во Кочани домаќините играа против екипа која е за неколку класи подобра, но повеќе од поразот боли незалагањето на разгалените „ѕвезди“ на кочанскиот второлигаш.

Денес во Кочани „Осогово“ во рамките на 24-тото коло во Втората Фудбалска Лига загуби од екипата на „Детонит Плачковица“ со 1: 3 (0:1).

Уште од првиот свиреж на денес одличниот судија Стојанче Трпчевски се виде кој ќе биде „газда“ на теренот. Играчите на тренерот Иван Варадиновски уште на стартот на натпреварот наметнаа темпо кое кочанчани можеа да следат одвај десетина минути, но по првата третина од првото полувреме момчињата во сини дресови загосподарија на теренот и само прашање беше кога ќе го отворат резултатот. Гостите во првото полувреме имаа неколку опасни напади кон голот на Ѓорѓи Јованоски но беа брзоплети во завршницата од акциите па мрежата на домаќините мируваше. Во 32’ гостите постигнаа погодок но истиот беше поништен бидејќи играчот на гостите беше во офсајд позиција. Но сепак во 44’ Радовишани поведоа. По едно нафрлување од левата страна капитенот Иван Настевски остана сам на единаесетмина метри од домашниот гол, следување волеј удар и топката заврши во левиот долен агол од голот на неможниот Ѓорѓи Јованоски. Карактеристично за првото полувреме е што „жолто-сините“ во натпревар кој им многу значеше упатија еден единствен удар кон гостинскиот гол. Во 7’ Јован Дојчинов биеше од триесетина метри но гостинскиот голман Димитар Ѓоргиев со прекрасна интервенција ја исфрли топката во корнер.

Второто полувреме гостите го започнаа фуриозно. Се играше 51’ кога еден гостински играч излезе сам пред голот на домаќините но од убава позиција се обиде да го префрли домашниот голман и топката заврши покрај левиот дирек во гол-аут. Но по само две минути во идентична акција се најде Стефан Бабунски кој го префрли истрчаниот Ѓорѓи Јованоски и мрежата на „Осогово“ по втор пат се затресе. Протестите и свирежите на објективната кочанска публика  не ги „разбудија“ домашните играчи, напротив тие јалово напаѓаа без да создадат посериозна шанса за погодок и како да чекаа не тие, туку гостите сами да си постигнат погодок.

По водството од 2:0 играчите на „Детонит Плачковица“ не губеа снага, ја чуваа топката и се обидуваа од контра напади да сторат нешто повеќе. Се играше 89’ кога на една одбиена топка во домашниот шеснаесетник натрча нововлезениот Лука Трајкоски и со школски волеј удар ја заби топката под пречката на немоќниот Ѓорѓи Јованоски. И кога сите очекуваа тоа да биде конечен резултат резервистот на „Осогово“ Стојанче Тренчев искористи еден добар центар шут на втората статива следува удар и мрежата на гостинскиот голман Димитар Ѓоргиев се заниша. По последниот свиреж на судијата Трпчевски објективната кочанска публика домашните играчи и стручниот штаб со свирежи ги испрати во соблекувалната но тие веќе ги навинаа на таков пристап на натпреварите бидејќи речиси цела сезона со исклучок на 2-3 натпревари ваква игра прикажуваат.

Резултати од 24-тото коло:

„Осогово“ – „Детонит Плачковица“  1:3

„Охрид“ – „Новаци“  2:2

„Беласица“ – „Каменица Саса“  1:1

„Победа“ – „Кожуф“  0:1

„Башкими“ – „Караорман“  5:1

„Тетекс“ – „Вардар“ (Н)  1:2

„Беса“ – „Скопје“  2:1

„Пелистер“ – „Аресими“  3:0

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ