ТРЕТА ФУДБАЛСКА ЛИГА ИСТОК, ПОБЕДАТА НА ОСОГОВО, НЕДОЛИЧНО ОДНЕСУВАЊЕ НА ГОСТИНСКИОТ ГОЛМАН

Во Спорт
март 26, 2023
1 минути

Тешка, но сепак заслужена победа забележа „Осогово“ во дуелот со крајно недисциплинираната гостинска екипа предводена од голманот Јосиф Милчев.

Мораше да поминат 39 минути за радост на трибините на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани. Тогаш расниот стрелец Тоше Манов со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот го погоди горниот десен агол на Јосиф Милчев. До водството гледачите кои денес по сончево и мошне пријатно време за игра прописно ги исполнија трибините не видоа речиси ништо од фудбалската игра. „Осогово“ јалово напаѓаше а гостите сигурно се бранеа без да покажат желба да го загрозат голот на домашниот голман Симон Стојковски.

Во второто полувреме само по шест минути игра Тоше Манов убаво реагираше на нафрлената топка од десната страна и мрежата на гостите по втор пат се заниша. И кога сите очекуваа дека домаќините ќе продолжат со истото темпо и дека ќе постигнат уште некој погодок, се случи обратното. Во 68’погреши последната линија на „жетварите“ гостинскиот играч Ване Митев изби сам но домашниот голман му влезе во шутот но за негова несреќа топката удри во ногата на Љубомир Ѓорѓиев и заврши во мрежата. Примениот гол внесе паника во редовите на „Осогово“, гостите се трудеа тоа да го искористат но не беа прецизни во завршницата од акциите. Особено добра беше шансата на Ване Митев кој иако сам биеше од 5-6 метри но домашниот чувар на мрежата со прекрасна интервенција ја сочува својата мрежа.  Домаќините можеа да постигнат уште некој гол но ударите на Тоше Манов во 77’ и 88’ завршија покрај левиот дсирек, а ударот на христијан крстов во 89’ заврши во пречката.

Последните минути донесоа најмногу возбудувања поради очајно лошиот однос на гостинскиот голман јосиф Милчев и кон домашните играчи, кон судијата, кон домашната клупа но и кон публиката. По еден остар старт Ване Митев заслужено заработи жолт картон и тогаш гостинскиот голман кој беше склон да се направи тензија на натпреварот излезе далеку од својот голмански простор влета кај групата играчи кои беа околу повредениот домашен играч и почна да дели своја правда, откако виде дека не му пројде фората почна да дофрлува кон домашната клупа која непотребно ја прифати провокацијата па мораше да интервенираат судиите за да ги смират страстите.

Откако судијата Петар Михаилов отсвири крај на натпреварот дел од гледачите вербално реагираа кон гостинскиот голман кој и при излегување од теренот нешто глумеше. По некоја минута тој побара лекарска помош бидејќи како што навел добил удар во тунелот.

Во разговор со делегатот на натпреварот Марјан Јангеловски од Македонска Каменица дознавме дека тој ништо не видел во тунелот па останува мистерија што и дали нешто се случило. Од наша позиција ништо не видовме бидејќи бевме на трибините.

Комплетни резултати од 15-тото коло:

„Осогово“ – „Спартмани“  2:1

„Карбинци“ – Академија „Чешиново-Облешево“  2:0

„Тиверија“ – „Малеш“  6:1

„Вардарски“ – „Дојранско Езеро“  1:1

„Рудар“ – „Овче Поле“  1:3

Слободна беше екипата на „Брегалница сениори“

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ