„ОСОГОВО“ ПОТКЛЕКНА ВО ФИНИШОТ

Во Спорт
ноември 7, 2021
1 минути

Се одиграа натпреварите од 10-тото коло во Втора Фудбалска Лига – Исток во кое три победи забележаа домашните екипи, еден натпревар заврши без победник а само на еден гостите се радуваа.

Во Македонска Каменица се одигра регионалното дерби во кое славеше домаќинот со 2:0 (0:0). И двете екипи одиграа тврд натпревар во кој одлуката падна во самиот финиш од натпреварот. Во 82’ домаќините го изведоа седмиот корнер, од десната страна топката беше нафрлена на пет метри од голот на Иванов каде гостинската одбрана која не реагираше како што треба па дозволи Мисердовски со глава да ја уфрли во небранетиот дел од мрежата. Две минути подоцна „жетварите“ загубија топка на триесетина метри од домашниот гол, следуваше брза контра, до топката дојде Божинов кој само што влезе во шеснаесетникот биеше и Иванов по втор пат мораше да ја вади топката од мрежата. Штета за кочанчани што потклекнаа во самиот финиш, а беа на добар пат и од третото гостување по ред да се вратат со кренати глави.

Во Житоше „Слога 1934“ го совлада последниот тим на табелата „Братство“ со гол постигнат во 75’ што по вчерашниот нерешен резултат на „Победа“ ги исфрли Виничани на првото место.

„Кожуф“ без поголеми проблеми славеше како домаќин исто како и „Беласица“.

Резултати од 10-тото коло:

„Каменица Саса“ – „Осогово“  2:0

„Братство“ – „Слога 1934“  0:1

„Кит Го“ – „Победа“  1:1

„Беласица“ – „Детонит“  4:1

„Кожуф“ – „Локомотива“  3:0

На табелата води „Слога 1934“ со 25 бода, пред „Победа“ со 24, „каменица Саса“ 20, „Беласица“ 17, „Кит Го“ 16, „Кожуф“ 12, „Осогово“ 11, „Детонит“ 10, „Локомотива“ и „Братство“ по 4.

Во следното 11-то коло „Осогово“ ја пречекува „Слога 1934“.

С. Ивановски