„ОСОГОВО“ СТАРТУВАШЕ СО ПОДГОТОВКИТЕ ЗА НАСТАПИТЕ ВО ВТОРАТА ФУДБАЛСКА ЛИГА

Во Спорт
јули 8, 2023
0 минути

Денес и официјално „Осогово“ ги започна подготовките за настапите што го очекуваат во Втората Фудбалска Лига која според најавите ќе започне на 12 Август.

На теренот на стадионот „Никола Мантов“ на првата прозивка истрчаа 18 играчи, од кои поголемиот број од тимот кој настапуваше во Трета Фудбалска Лига – Исток, повратници во екипата како и некои нови играчи кои се на проба, но како што најавуваат од клубот во очекување се на уште неколку нови играчи со што тој број и те како би се зголемил.

„На првиот тренинг се пријавија 18 играчи, целиот период на подготовки ќе ги поминеме на стадионот „Никола Мантов“. Во рамки на подготовките закажани се две пријателски средби со екипите на „Каменица Саса“ во Кочани и „Крушевац“ на стадионот во Пехчево. Повратникот Јован Дојчинов од „Слога“, Славче Митовски од екипата на „Беласица“ и два три играчи кои се дојдени на проба и преговараме со четири искусни играч ќе направиме напори да донесеме квалитетни играчи во „Осогово“. Имаме доволно време физички да се подготвиме за стартот на првенството. Ќе работиме максимално професионално за да се задржиме во Втората лига константно“, рече Ефтим Аксентиев – Шеф на стручниот штаб на „осогово“.

Со повратниците во екипата и со новите играчи што ќе бидат ангажирани од клубот истакнуваат дека приоритет е средината на табелата и настапи во второлигашката конкуренција континуирано.

„Организациски со сигурност можеме да кажеме дека клубот спремно ќе ги дочека предизвиците кои ги носи Втората лига. Разговаравме со локалната самоуправа, приватниот сектор и со неколку други спонзори од кадешто се надеваме дека финансиската констуркција што е потребна ќе ја заокружиме во целост, истакна Перо Георгиевски, член на  УО на „Осогово“ .

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ