Во присуство на љубители на уметноста, роднини и пријатели синоќа во Салон „Фоаје 2“ во НУ ЦК „Бели Мугри“ во Кочани беше отворена самостојната изложба на уметничката Марија Мицова Гацова од Кочани насловена како „Дата база“ која воедно е резултат на нејзините постдипломски студии на „Факултетот за ликовна уметност“ под менторство на професор Станко Павлески.
Како што беше истакнато, изложбата е составена од три дела: мрежа од бели полутопки изработени од 50 годишна неупотребена хартија и мрежа од графици, полусферични објекти со висок сјај кои ја рефлектираат целата поставка и простор на изложбата како и видео дело „Бивање моето мсто“.
Проектот е избран за национален интерес во културата за 2022 година и е под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат изложбата во наредните десет дена, и тоа секој работен ден освен во сабота и недела.
С. Ивановски