Во СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани денеска се одржа договорен состанок на кој беше означен почетокот на националната First Lego лига по роботика за оваа учебна година.
Домаќин на натпреварот ќе биде Кочани, а покрај домашната екипа во лигата ќе учествуваат уште седум тимови од државата. Од нив треба да се добие најдобриот што ќе биде македонски претставник на светскиот натпревар во Русија.
„Овогодишната тема на First Lego лигата е натпреварот по роботика е „Карго“. Ќе се натпреваруваат осум тима, кои се во иста група со Грција, а победникот ќе учествува на меѓународниот натпревар, што треба да се одржи во јуни. Ние остануваме со партнерите со кои бевме и пред две години, тоа се Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, компанијата Young engineers од Скопје и ротари клубот Кочани – Виница. Чест ни е што натпреварувањето ќе се одржи во нашето училиште, затоа што сето ова пред четири години почна од тука“, истакна Гордан Анастасов, ментор на тимот по роботика од СОУ „Гошо Викентиев“.
Во 2018 година тимот по роботика од СОУ „Гошо Викентиев“ беше најдобар во државата и беше учесник на светскиот натпревар што се одржа во Детроит. Претходно учениците од Кочани ги освоија првите места на регионалните натпревари во Србија и Словенија, а нивното учество во САД го помогнаа Фондот за иновации, Општина Кочани, локалниот бизнис сектор и македонски иселеници.