ПО ДЕСЕТАТА ТОЧКА ПРЕКИНАТА ШЕСТАТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ

јануари 31, 2022
0 минути

Советот на Општина Кочани денеска ја започна шестата редовна седница. Од предложениот дневен ред со 33 точки, советниците работеа по десет точки, по што претседателот Лазо Митев закажа продолжение за в петок, на 4 февруари.

Советот ги усвои информацијата за чистењето на одводните канали и речните корита на подрачјето на општина Кочани во 2021 година и планот за чистење на каналите и речните корита  за 2022 година, а даде зелено светло на измени и дополнувања на правилници од областа на социјалата, образованието и спортот.

Информирајќи за измените во правилниците, стручните служби од Одделението за јавни дејности истакнаа дека со ваквите измени се придонесува за поголема ефективност на мерките и проширен опфат на социјално згарозените лица. Правилникот за доделување стипендии е дополнет со студенти со попреченост и со ретки болести; просекот за социјално ранливи студенти е намален на 7, а доколку не се искористи вкупната сума предвидена за студентски стипендии, неискористениот фонд за таа намена ќе може се распредели со одлука на градоначалникот. Советот ги прифати измените и во Правилникот за доделување стипендија за спортист, кој се прошири со уште една стипендија – за девојка што постигнала спортски резултати.    

Советот ги усвои Извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за четвртиот квартал за 2021 година, плановите за запишување ученици во прва година во  општинските средни училишта „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“ во учебната 2022/23 година и даде согласност за примање донација од  „Пакомак“ Скопје, со која Детската градинка „Павлина Велјанова“ ќе добие нови реквизити во вредност од 126.850 денари.